Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев во интервју за порталот Фактор вели дека додавката на нашето име, Северна, за надворешно-политичка употреба воопшто не му пречи, а за внатрешна употреба, смета дека во тој момент и во таква ситуација, бил извлечен максимумот.
– Во делот на менувањето на името, мислам дека како проблем што беше отворен, требаше еден ден да се заврши. Дали требаше на тој начин, или колективно, преку заеднички договор на сите партии, тука е дискутабилно, но тоа е веќе помината работа и бадијала би било сега да го коментираме. Ако видиме дека и од грчка страна, и новиот грчки премиер, вели дека иако не му одговара договорот, но сепак го почитува како договор, и не прави негативна кампања туку го третира како веќе завршена работа, значи треба да одиме понатаму. – појаснува Јанчев во интервјуто.
Првиот човек на Кавадарци смета дека ако тоа се решело пред пет, десет години, можеби ќе сме имале и малку подобри позиции, а ако го оставевме и сега да не го решиме, Македонија само ќе тонеше надолу. -И по однос на потпишувањето на Преспанскиот договор, јас мислам дека Македонија ќе почне да оди напред. Моите очекувања лично е дека ќе се добие датум за ЕУ, а НАТО веќе го сметам за завршена работа. Лично како градоначалник можам да кажам дека општина Кавадарци има голем бенефит од соработката со Република Грција. Ќе се прави граничен премин, кој ќе биде финансиран со европски пари, со тоа ни се отвораат многу можности, и економски и локални, туристички, и на централно ниво, така да, мислам дека не можеме да имаме штета од нешто што значи приклучување кон некое семејство, кое е добро семејство. Така да, мислам дека сме на прав пат во тој поглед. – вели Јанчев. Јанчев смета дека чекорот на премиерот Заев во однос на Преспанскиот договор е прехрабар и како граѓанин му честита тоа што стои на ставот дека направил правилен потег.