Иванов – Вучиќ: Да не се политизираат отворените прашања меѓу Македонија и Србија

Сите отворени прашања мора да ги разгледуваме преку дијалог и надлежните институции да наоѓаат решенија, изјави претседателот Ѓорге Иванов по средбата со српскиот колега, Александар Вучиќ. Тој додаде дека средбата била конструктивна и дека се согласиле отворените прашања да не се политизираат.

– Каде настануваат проблемите, таму треба да се наоѓаат и решенијата. Да не ги политизираме и да не им даваме посебно значење на прашањата кои се во надлежност на институциите – изјави Иванов.

Прашан дали на средбата се разговарало за промовирање на идејата за заеднички регионален пазар, Иванов рече дека тоа ќе биде во надлежност на двете влади.

– Тоа е во интерес на целиот регион. Ние во минатото сме имале заеднички пазар, ги знаеме добивките од сето тоа и која е користа за нашето стопанство, така што се надевам дека како што Процесот Брдо Бриони на ниво на претседатели ги промовира тие идеи за зближување и за отворање на просторот, така и премиерите и владите на нивната идна средба во Трст сигурно конкретно ќе разговараат за реализација на таа иницијатива – изјави Иванов.

На средбата, како што соопшти претседателот, било разговарано и за можностите за продлабочување на економската и на трговската соработка, како и за прашања од културата.

– Разговаравме и за прашања од доменот на културата, кои мора да ги регулираме со одбележувања на настани, како што беше одбележувањето на 70-годишнината од доаѓањето на Македонците во Србија што го одбележавме заедно со претходникот на Вучиќ. Тоа беше еден чин на почит. Тие ни посветија внимание и нашите Македонци беа навистина задоволни. Таквите настани ќе продолжиме и во иднина да ги одбележуваме, бидејќи тие ги зближуваат двата народа и придонесуваат кон доверба на двете држави – изјави Иванов.

Политичкиот дијалог меѓу двете земји се очекува да продолжи со идна посета на претседателот Вучиќ на Република Македонија.

Мета

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e