Истражување БРИМА: Подобар живот од новата Влада очекуваат 59 отсто од граѓаните

Мнозинството граѓани во Македонија имаат доверба во новата Влада и очекуваат од неа да придонесе за подобрување на животот, покажуваат резултатите од теренското истражување спроведено од 2 до 12 јуни од страна на БРИМА.

Од вкупно анкетираните, 59 проценти очекуваат дека новата Влада ќе придонесе за подобрување на животот на граѓаните, а скоро двојно помалку односно 27 проценти гледаат со скепса на идното работење на Владата. Најмногу етничките Албанци имаат позитивни очекувања од Владата, по што следуваат припадниците од другите етнички заедници, а најмалку очекувања имаат етничките Македонци.

Мнозинството од анкетираните или 57 проценти имаат доверба во новата Влада, додека секој трет изразил недоверба во неа или 34 проценти од анкетираните. Во најголем број, доверба изразуваат етничките Албанци или 71 проценти, потоа припадниците од другите етнички заедници или 61 процент, а најмалку етничките Македонци или 51 процент. Од политички аспект, најголема недоверба во Владата има кај поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ и кај оние што изјавиле дека нема да гласаат на следните избори, додека најголема доверба има кај поддржувачите на СДСМ, потоа поддржувачите на ДУИ, Движење за реформи – ДПА, Движењето БЕСА……

Шеесет и два отсто од анкетираните граѓани сметаат дека изборот на Зоран Заев за премиер е добро решение, додека 29 проценти е лошо решение. И тука најголема е поддршката кај етничките Албанци, потоа кај припадниците од другите етнички заедници и кај етничките Македонци.

Резултатите од јунското истражување покажуваат дека во однос на истражувањето во март намален е бројот на граѓани кои сметаат дека државата се движи во погрешна насока, а зголемен е бројот на граѓани кои сметаат дека земјата се движи во правилна насока. Поточно, во март 76 проценти сметале дека земјата се движи во погрешна насока, а во јуни 49 проценти, додека 15 проценти во март оцениле дека земјата се движи во правилна насока, а веќе во јуни тој процент се зголемил на 42.

За влегувањето на граѓаните во Собранието на Република Македонија на 27 април, резултатите од јунското истражување покажуваат дека поголем е бројот на граѓани или 66 проценти кои сметаат дека влегувањето било со однапред испланирано сценарио во однос на оние (21 процент) кои сметаат дека влегувањето било спонтано.

Поддршката за изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието во вкупната јавност е скоро изедначена бидејќи 43 проценти се изјасниле дека го поддржуваат, а 47 проценти дека не го поддржуваат. Најраспространета е поддршката за неговиот избор меѓу Албанците, а најмала меѓу Македонците.

Со истражувањето беа опфатени 1.193 граѓани на возраст над 18 години во осум региони. Интревјуата се правени лице в лице во домот на испитаникот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e