Интервентна субвенција од 4 денари за предадени домати во преработувачки капацитети

Министерството за земјоделство,шумарство и водостопанство информира дека ќе помогне во решавање на откупот на доматите со интервентна субвенција од 4 денари за килограм предадени домати во регистрирани преработувачки капацитети.

На овој начин со постоечката дополнителна субвенција за предаден зеленчук во преработувачки капацитети од 3 денари за килограм, производителите на домати ќе добијат вкупно 7 денари субвенција за предадени домати во регистрирани преработувачки капацитети, информираат од Министерството.

Одлуката се очекува да биде донесена следната недела на седница на Влада и ќе важи за сите земјоделци кои ќе го предадат доматот во преработувачките капацитети до 15 јули годинава.

Оваа интервентна субвенција од 4 денари за килограм предаден домат ќе овозможи стабилизирање на пазарот со откупот на домати во овој период до средината на јули следниот месец.

Тимови од МЗШВ изминатиов период беа секојдневно на терен и во комуникација со земјоделците, откупувачите и преработувачите со цел да се најде соодветно решение. За таа цел МЗШВ стапи во контакт со преработувачите кои покажаа интерес за откуп на вишокот домати.
Причината за проблемот со откупот на домати е поради тоа што во овој период расте понудата на традиционални пазари за извоз од тамошните производители, што влијае врз отежнување на откупот на македонските домати, сметаат надлежните.

МЗШВ и во следниот период ќе го следи откупот на домати и ќе делува континуирано во делот на интервенциите и решавање на проблемите во земјоделството, тогаш кога ќе биде потребно.

Во меѓувреме МЗШВ интензивно работи и на отворање на нови пазари за македонските земјоделски производи. Уште пред неколку месеци е испратен допис до сите конзуларни канцеларии и до амбасадорите, да помогнат во делот на отворањето на странските пазари за македонските земјоделски производи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e