Хан и Прибе во Скопје на средби за Итните реформски приоритети

Еврокомесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан во понеделник доаѓа во Македонија на разговори околу плановите за реформи на новата македонска Влада, како и да ја повтори поддршката на Европската унија за земјата да ги спроведе неопходните реформи за во иднина да стане членка на Унијата.

Предвидено е Хан во Скопје да се сретне со премиерот Зоран Заев, со други претставници на новата Влада и со останатите политички лидери во земјата.

Во изјава дадена пред неговото доаѓање во Македонија, Хан посочи дека доаѓа за да даде поттик на спроведувањето на реформите што Брисел очекува да бидат спроведени во брз рок, а со цел земјата да се врати на патеката за евро-атлантската интеграција.

– Со континуираната поддршка на Европската унија, земјата конечно ја надмина политичката криза преку добро администрираните избори и формирањето на новата Влада. Сега, новата Влада, заедно со опозицијата, треба да се фокусира на спроведувањето на Итните реформски приоритети и на целосно спроведување на договорот од Пржино, со цел да се врати земјата на патот кон интеграцијата во ЕУ. Реформите мора да се направат за да се подобрат животите на луѓето, да се работи за стабилност, просперитет и правда. Задолжена група на независни високи експерти за владеење на правото, предводена од Рајнхард Прибе е веќе во земјата за да и помогне и да ја советува новата Влада за прашањата на системското владеење на правото, изјави комесарот Хан пред неговото доаѓање во Македонија.

Во меѓувреме, македонската Влада подготвува Акциски план со мерки и активности кои треба да се преземат во контекст на евроинтеграциите, што ќе му бидат презентирани на еврокомесарот Јоханес Хан за време на неговата посета на Скопје. Во Македонија веќе престојува и германскиот експерт, поранешен директор на Директоратот за проширување на ЕУ, Рајнхард Прибе, кој во наредните денови ќе има средби со владини претставници за Итните реформски приоритети, како и за акцискиот план на Владата за нивно спроведување.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e