Груевски една година во Унгарија: Како течеше бегството на осудениот експремиер

„Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега, и побарав политички азил од унгарските власти. Секогаш ќе остане верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам“. Ова беше Фејсбук статусот на експремиерот Никола Груевски на 13 ноември минатата година, пет дена откако требаше да влезе во затвор и да ја отслужи затворската казна за случајот „Тенк“, за луксузниот Мерцедес кој бил нарачан по негови инструкции и желби, пишува Стандард.

Судот го бараше уште од четвртокот, 8 ноември, кога тој требаше да ја одлежи затворската казна, но него го немаше никаде. И покрај фактот што Груевски беше недостапен за судските курири, од Кривичниот суд не побараа асистенција од Министерството за внатрешни работи за негово присилно приведување се до понеделникот, на 12 ноември, кога по четири дена недостапност на експремиерот, Судот конечно побара да се распише потерница.

Откако веќе беше извесно дека не е во држвата и се распиша и меѓународна потерница, од Унгарија стигна првиот глас, дека тој е во Будимпешта, каде побарал азил и се шета како слободен човек, иако во државата каде 10 години беше премиер го чекаше отслужување на затворска казна и уште долги судски процеси за други, потешки дела.

Од херој до предавник, беа коментарите на неговиот Фејсбук профил, но најголемите напади дојдоа од неговите сопартијци, исто така осомничени во случаите кои ги отвори СЈО, а сега се во раце на Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески. Ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска исто така осудена за „Тенк“, му порача дека кога си далеку од проблемите, на 800км од државата, лесно е на социјалните мрежи да кажува што е лесно а што не е, при тоа амнестирајќи се од сите проблематични одлуки за кои секогаш одговорен е некој друг.

Со критика се јави и Миле Јанакиески, кој е обвинет во голем број од случаите кои ги отвори СЈО и рече дека не треба да биде казнет за постапките на Груевски.

Како осудениот експремиер Никола Груевски ја поминал границата со Албанија никогаш нема да биде целосно разјаснето, бидејќи од албанска страна беше кажано дека снимките биле избришани поради тоа што системот сам ги бришел по неколку недели.

Груевски не мина мирно ниту кај унгарските медиуми, на кои им затвораше врата од автомобил пред камера и ги игнорираше кога му поставуваа прашања. Беше фотографиран на забава на брод и како пазари во трговски центар, а интервјуа даде за нему подобни медиуми, како од С. Македонија, така и од Србија и Италија.

Освен пресудата за „Тенк“, го чекаат и други пресуди, за случаите „ТНТ“, „Насилство во Центар“, „Титаник“, „Траекторија“, „Талир“, како и во предистражната постапка за неостварениот попис во 2011 година.

Како организатор на крвавиот четврток се најде и во обвинението за нарачателите на насилниот влез во Собранието на 27 април 2017 година, но и покрај тоа, унгарските власти одбија да го екстрадираат во С. Македонија. Унгарскиот премиер Виктор Орбан наиде на големи критики, како од унгарската опозиција, така и од Европската Унија, но неговата власт два пати одби екстрадиција на неговиот долгогодишен пријател Гуревски.

Премиерот Зоран Заев го нарече Груевски кукавица, бидејќи избегал од правдата, а една година подоцна, рече дека се верува оти многу скоро експремиерот ќе си ја отслужи затворската казна.

„Очекувам дека ќе дојде моментот кога секој ќе си ја отслужи казната, вклучително и Груевски“, рече Заев.

Обвинителката Вилма Рускоска пак, која ја почна истрагата за бегството на Груевски рече дека немало докази дека некој од државава му помогнал да ја помине границата, па затоа и не дошло до обвинение во случајот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ