Грчките медиуми тврдат: Русија финансирала активности од двете страни на границата. За Бачев признанијата се местенка од УБК

Изјавата дека дел од приведените Комити признале дека земале руски пари за да прават немири предизвика реакција од руската амбасада во земјава. Изјавата на Заев дадена за странски медиум, дека дел од Комитите кои беа приведени на протестот пред Собрание признале дека руски бизнисмен финансира луѓе да прават немири, амбасадата ја нарече паушална и со цел да шири русофобија. Денеска премиерот Заев, по владината седница на која присуствуваше и еврокомесарот Јоханес Хан, рече дека владата сака да ја унапреди соработката со Русија, но Русија мора да сфати дека ЕУ и НАТО се единствена алтернатива за Македонија.

„Јас само коментирам факти и изјави што допреле до мене од извештаите кои ги знам, со конечна цел да се прекине пријателството кое го градиме. Притоа знаат сите, треба да знае и Руската Федерација дека нема алтернатива за Република Македонија освен полноправното членство во Европската Унија (ЕУ) и НАТО. Ние сме мала земја со пријатели, без непријателства секако имаме поголеми шанси за нашите перспективи“ – рече премиерот Зоран Заев.

Руската амбасада побара и истраги за наодите дека руски бизнисмен финансира групи во земјава. Дел од медиумите го поврзаа рускиот бизнисмен во Грција Иван Савиди. Савиди е поранешен руски парламентарец, а сега поседува фудбалски клуб во Солун. Наводно, најмалку 300.000 евра им префрлил Савиди на групите кои требало да прават немири против влезот во НАТО. На вчерашниот протест на Комитите за убиениот Саздовски, присуствуваше и Јанко Бачев кој претходно, на насилниот протест, со руско знаме се качи на полициско возило. Го прашавме: Дали е вистина дека руски бизнисмен ги финансира протестите и дали и тој земал руски пари.

„Тие изјави се местенка од УБК, тоа се изнудени изјави. Тоа што го изјави премиерот Заев се класични дезинформации“ – рече Бачев, пренесува 1ТВ.

Освен изјавите на премиерот Заев, информации за руско влијание, односно попречување на договорот, доаѓаат и од грчката страна. Грција протера двајца руски дипломати поради обид за влијание на решението за спорот, а сега грчките медиуми објавуваат и дека, преку Савиди, се организирани јунските митинзи против Договорот со Македонија, биле плаќани и изнајмувани автобуси и регрутирани еминентни личности од сите области. И координаторот на пратеничката гупа на Сириза изјави дека оние кои правеле немири на грчките протести, биле платени. Грчките медиуми додаваат дека планот на руските агенти бил откриен кога при обид за поткуп на грчки воен офицер, тој го пријавил инцидентот на неговиот командант. Според грчките медиуми и наодите од Извештајот на британскиот Комитет за надворешни работи, Русија финансирала активности од двете страни на границата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e