Горан Михајловски: Кеш анализа

1.

Корисниците на Народната кујна во Куманово и Старо Нагоричане останале без дневниот оброк, затоа што кумановскиот Центар за социјални работи не склучил договор со фирмата што готвела храна.  Од таму велат дека стариот договор завршил, а нов не е склучен поради политичката состојба во земјата. Прво се менувале министрите, а сега немало Влада. И немало кој да потпише.

Е па, следниот пат кога ќе ги чекате со нетрпение вестите од Мала Речица, сетете се на оваа приказна. И кога ќе се обидете сериозно да ги анализирате потезите на ДУИ како политичко размислување или тактика, нека ви текне пак на оваа приказна. Баш ги заболе ДУИ за народната кујна во Куманово. Нив ги заболе само како да се спасат. Баш ги заболе ДУИ за Пржино, Прибе, ЕУ, и НАТО. Ги заболе само како да не одат во затвор. Море, ги заболе нив и за двојазичноста. Ги заболе само како што подолго да им трае аранжманот со ВМРО-ДПМНЕ.

Всушност, Али Ахмети последнивте три месеци, откако помина катастрофално на изборите, го прави истото што, откако пукнаа бомбите, цели две години го прави и неговиот осумгодишен партнер Никола Груевски. Купува време. И гледа само како да ја спаси партијата. Оти, што се Ахмети и тие околу него без партијата?

Така што, каков бил обид на сеансите во Мала Речица да им се даде толкување за  разумно размислување е глупост. Тие не работат по разум. Тие работат по инстинкт на самоодржување. Оти, секој купен ден е ќар за Ахмети. Што му носи ќар и на Груевски. И тоа во буквална смисла. Не се бројат само деновите поминати на власт. Пари се во прашање.

Затоа на Ахмети за состав на Влада што ќе прави реформи му треба многу време за анализирање. Затоа што нема време за кеширање.

И не знам зошто им се лутиме на ДУИ што ја држат Македонија во заложништво. Самите на себе треба да си се лутиме. Што се доведовме во ситуација од второто око во корумпираната глава да ни зависи животот. А следниот пат кога ќе викате „Не ме интересира политика“, сетете се кој ве мафтосува три месеци после избори. И кој ве уценува 13 години.

2.
Зад драматичните и бомбастични наслови од Мала Речица – „ДУИ анализира дали да размисли да донесе одлука со која ќе одлучи дали ќе одлучува“ – се крие оваа реалност од Народната кујна во Куманово: „Гладни се луѓето. Нема што да јадат. Оние што се помлади и можат да се движат претураат по контејнерите. Постарите буквално гладуваат дома. Не знаеме што е работата, од Социјално ни викаат нема храна додека не се формира влада“, изјави еден од корисниците на бесплатен оброк.

Тоа што Куманово одамна е двојазично не помага да се отвори народната кујна. Но од животна важност е дека сега и печатите ќе бидат двојазични. Па со двојазичен печат ќе биде оверено дека нема храна. Ако умираш гладен, барем умри двојазично.

3.
Против што протестира ВМРО-ДПМНЕ? Против тоа што Груевски не успеа да направи Влада. Значи, против својот неуспех протестираат.

Колумната на Горан Михајловски за СДК во целост прочитајте ја тука

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e