Форензичката лабораторија на МВР прва во регионот акредитирана според новите ISO стандарди

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Сашо Тасевски, денеска оствари средба со директорот на Институтот за акредитација, Слободен Чокревски, на која беше врачен сертификатот за реакредитација на системот за управување со квалитет согласно меѓународниот стандард MKC EN ISO/IEC 17025:2018, имплементиран од страна на Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења (ОКТИВ), со што овој оддел е прва форензичка лабораторија во нашиот регион, која ја потврди акредитацијата согласно барањата на стандардот за компетентност на лаборатории за тестирање.

Од ресорното министерство објаснуваат дека акредитацијата на форензичките лаборатории е од огромно значење, за државата генерално, заради зголемување на довербата во резултатите од тестирањата кои се спроведуваат во лабораториите на МВР, како и фактот дека методите кои се применуваат се хармонизирани со најдобрите европски практики, а добиените резултати се меѓународно признати.

„Придобивки од акредитацијата, исто така, ќе има и правосудниот систем во државата, бидејќи услугите кои ги нудат форензичките лаборатории се клучни во сите постапки на судовите и обвинителствата, а бенефит од сето тоа ќе имаат и граѓаните, како крајни корисници на услугите, бидејќи ефикасноста на сите судски постапки неможе да се замисли без навремено, квалитетно и стручно спроведување на потребните анализи и вештачења“, се наведува во соопштението.

Инаку, системот е имплементиран во 2019 година, а во текот на годинава, од страна на оценувачки тим од шест експерти, формиран од страна на националното тело за акредитација – Институтот за акредитација на РСМ, беше спроведен редовен годишен надзор во однос на акредитацијата на ОКТИВ и беше потврдена компетентноста на овие лаборатории и експертите кои работат во нив за спроведување одреден тип форензички анализи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e