„Finance Think“: Растот на БДП е резултат на масовната имунизација и нормализацијата на економските текови

Растот на Бруто домашниот производ (БДП) во вториот квартал од годинава е резултат на отпочнувањето на масовната имунизација на населението и на нормализацијата на економските текови, смета „Finance Think“.
Оттаму предупредуваат дека неизвеноста во економијата повторно е зголемена во третиот квартал поради четвртиот бран од пандемијата и дека остануваат на проекцијата за раст на БДП од 4,1 процент годинава.

– Иако се очекува дека мерките за спречување на ширењето на коронавирусот од август 2021 ќе имаат ограничен неповолен ефект врз економијата, сепак неизвесностите кај најпогодените дејности се сé уште нагласени, велат од „Finance Think“.

Во најновиот извештај за макроекономските показатели за вториот квартал од годинава, од „Finance Think“ наведуваат дека високиот раст во вториот квартал е остварен на ниска споредбена основа од вториот квартал од 2020, во кој пандемијата го имаше првиот и најсилен удар на економијата.

– Според дејности, ударот пред една година беше најсилен врз трговијата, сместувањето и послужувањето храна, и транспортот, како резултат на што и растот во вториот квартал од 2021 е најголем во овие дејности – 46 проценти. Растот кај останатите дејности е значајно помал, со исклучок на индустријата, која порасна за 11.4 проценти, наведува „Finance Think“, додавајќи дека ваквиот раст на БДП во вториот квартал се должи и на растот на бруто инвестициите, извозот и увозот кои во голема мера зависат од капацитетите во ТИРЗ зоните.

Како резултат на олабавувањето на мерките за спречување на ширењето на вирусот и продолжените ефекти од владините мерки за поддршка на доходот на граѓаните, според „Finance Think“, се бележи раст и на приватната потрошувачка од 12,9 проценти, додека растот на јавната потрошувачка – 2.9 проценти е генерално на патеката на консолидација по големата експанзија во 2020.

Според „Finance Think“, падот на невработеноста е значајно забавен, како резултат на враќањето на пасивизираното население на пазарот на труд, а благото зголемување на вработеноста упатува на понатамошна стабилизација на пазарот на труд.

– Сепак, во вториот квартал, евидентно е губењето работни места во преработувачката индустрија (околу 4,000 во однос на К1-2021), транспортот (3,500) и хотели и ресторани (1,000), што укажува дека растот на додадената вредност во најпогодените дејности не е проследен со креирање работни места, оценува „Finance Think“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e