Димитров, Маричиќ и Спасовски учествуваа на четвртиот состанок на Секторскиот мониторинг комитет

– Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска копретседаваше на четвртиот состанок на Секторскиот мониторинг комитет  заедно со претставници на Делегацијата на ЕУ во земјава. По заедничкиот ИПА-мониторинг комитет, дебатата на состанокот се насочи кон секторот владеење на право и темелни права, а од македонска страна учествуваа и ресорните министри за правда и за внатрешни работи, Бојан Маричиќ и Оливер Спасовски.

Како што соопшти владината прес-служба, таргетираното и ефикасно искористување на финансиската поддршка што се обезбедува Европската Унија за реформите во овој сектор е особено важно со оглед на значењето на овие области кои се дел од кластерот Темели.

– Сѐ што ќе искористиме од тековната помош од ЕУ ќе ни биде од значење за подобра подготвеност и сигурен старт на пристапниот процес во кластерот што се отвора прв, а затвора последен и влијае на динамиката на целокупниот преговарачки процес, истакна вицепремиерот Димитров.

Министерот за правда Маричиќ посочи дека минуваме низ крупни реформи во секторот правда и целокупната поддршка од ЕУ и сите проекти, како што рече, нè донесоа чекор поблиску и придонесоа за подобрување на независноста, отчетноста и ефикасноста на судството и обвинителството, овозможија подостапна правда за граѓаните, како и значително подобрување на условите во затворите – во согласност со европските стандарди.

Според министерот за внатрешни работи Спасовски, една од причините за нашиот успех постигнат во последните неколку години е токму постојаната помош која ја добиваме преку ИПА.

– Би сакал да напоменам дека со помош на овој инструмент, МВР како еден од најголемите корисници на ИПА-фондовите, овозможи реализација на многубројни проекти, со што нашето Министерство обезбеди значителна поддршка во спроведување на реформските процеси, како и голема материјална поддршка со што видливо се подобрија човечките, техничките и инфраструктурните капацитети неопходни за ефикасно работење, истакна Спасовски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e