ДИК е подготвена да ги спроведе предвремените избори по кој било модел

Државната изборна комисија е подготвена да ги спроведе овие предвремени избори по кој било модел, па дури и оној со отворени изборни листи.

– Државната изборна комисија е подготвена да спроведе парламентарни избори по кој било модел за кој би бил постигнат договор меѓу политичките партии, вклучително и за модел со отворени изборни листи, изјави претседателот на ДИК, Оливер Дерковски за МИА.

Ние, додаде тој, како институција сме подготвени. Функционираме континуирано и подготвени сме да го спроведеме она што ќе го договорат политичките партии.

Претседателот на ДИК потенцира и дека Избирачкиот список е во ред и оти во него нема т.н. фантомски гласачи.

– Тоа е материја што постојано и континуирано се чисти, прочистува и обработува. Како што ги добиваме податоците од МВР на квартално ниво, така ги обработуваме. Се разбира дека во список во кој има над 1,8 милион избирачи ќе може да се најде некоја недоследност, но сето тоа е сведено во една разумна рамка. Ние постојано работиме и во овој момент кога е празен период и нема избори работиме на прочистување на Избирачкиот список, рече Дерковски, одговарајќи на новинарски прашања пред презентацијата на извештајот за мониторингот на претседателските избори во 2019 година спроведен од страна на набљудувачи со попреченост.

Претседателот на ДИК истакна и дека како институција задолжена за спроведување на изборите доставиле и определени предлози согласно претходните препораки на ОБСЕ и ОДИХР за техничко подобрување на изборниот процес.

– Како тоа ќе се одвива понатаму ќе видиме, бидејќи и тоа зависи од договорот на политичките партии, рече Дерковски.

Во врска со гласањето на дијаспората, претседателот на ДИК вели дека како комисија би сакале да има промени, но во рамките на овозможување нови начини за гласање за, како што вели, да се заштедат финансиски средства.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e