Дали коронавирусот бил присутен во земјава од порано без да биде забележан?

Многу граѓани на социјалните мрежи споделуваат искуства дека во текот на јануари и февруари имале симптоми кои сега ги знаеме дека се симптоми на Ковид-19, меѓудругото со многу високи температури што траеле повеќе денови, а тогаш се воделе како пациенти со грип. Тие се прашуваат дали можеби веќе ја поминале оваа болест, и дали е можно вирусот да се ширел во нашата земја толку време без да биде забележан.

Од Министерството за здравство и од Институтот за јавно здравје во одговор на прашање на Либертас беше кажано дека оваа сезона имаме регистрирани околу 37 илјади заболени од грип, што е за 17 илјади повеќе од претходната сезона и дека постои можност дел од нив да имале Ковид-19 и дека за тоа веќе било дискутирано на Комисијата за заразни болести.

Ова ќе биде анализирано понатаму, бидејќи во моментов не може да се направи ваква анализа со оглед на тоа што сите капацитети се во функција на актуелните случаи и пандемијата.

Инаку, треба да се знае дека во бројката на заболени од сезонски грип којашто се објавува секоја година влегуваат сите случаи, и тие што биле потврдени со тест, но и тие што биле пријавени како пациенти со грип врз основа на мислењето на матичен лекар.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e