Членови на Управниот одбор на Алкалоид купија акции во компанијата

Менаџментот инвестира во „Алкалоид“. Највисокото раководство, ударната петорка што ја предводи најголемата и најуспешна домашна фармацевтска компанија се стекнало со вкупно 931 акција. На Македонска берза се објавени пет ценовно чувствителни информации – извештаи за промена на сопственост на членовите на Управниот одбор и лица со посебни одговорности и овластувања.

„Известуваме дека Живко Мукаетов, претседател на Управниот одбор и генерален директор на Алкалоид АД Скопје, се стекна со 331 обична акција издадена од Алкалоид АД Скопје“, наведено е во објавата.

И другите четири известувања се со слична содржина. Директорот на Службата за општи работи, Ќире Ицев, купил 150 обични акции. По 200 нови акции се во сопственост на директорот на финансии, Виктор Стојчевски, и на директорот на акционерство и имотни прашања, Ѓорѓи Јованов. Оливера Панева, која е одговорна за обезбедување квалитет и за интегрираниот менаџмент-систем се стекнала со дополнителни 50 обични акции.

По вторпат годинава инвеститорите добиваат силна порака за успешноста, стабилноста и перспективноста на „Алкалоид“, бидејќи членовите на Управниот одбор и во март вложија во хартиите од вредност издадени од компанијата.

Акцијата на „Алкалоид“ постојано е во топ пет најтргуваните на берзата. Според вчерашната официјална листа, просечната цена изнесува 22.997,62 денари и има дневна промена од позитивни 2,28 проценти.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e