Бугарскиот парламент го ратификуваше протоколот за членството на земјава во НАТО

Едногласно, со 140 пратеници, колку што беа во собраниската сала, Бугарија го ратификува Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО.

Пленарната седница, мина без присуство на бугарската опозиција, која го бојкотира Парламентот поради измените на Изборниот законик. Ратификацијата почна со поздрав и честитки кон македонската собраниска делегација, предводена од Талат Џафери.

Патот кон Алијансата на нашиот сосед не беше лесен и затоа е историски за НАТО, рече шефицата на бугарската дипломатија, Захариева пред гласањето.

-Наш национален интерес  е нашиот југозападен сосед да биде дел од заедничките демократски вредности, да ги преземе своите одговорности и обврски, кои произлегуваат од членството во НАТО и да придонесе кон евро-атланската безбедност, изјави Екатерина Захариева, министер за надворешни работи на Бугарија

-Од Бугарија, јасно и гласно да кажеме и да се чуе . Добродојдовте кај нас, добродојдовте браќа и сестри, изјави Константин Попов, претседател на Комисијата за одбрана во Собранието

– Парламентот го ратификуваше Протоколот за Северна Македонија. Вложивме големи напори. Сакам да им се заблагодарам на Парламентот и на пратениците за оваа мудра одлука, рече Бојко Борисов, премиер на Бугарија.

Ратификацијата сепак не мина без забелешките на партиите од националистичката коалиција Обединети Патриоти, чиј лидер неодамна побара анекс на Договорот за добрососедство, поради како што тврдат, присвојувањето на бугарската историја.

-Никој таму во Северна Македонија не треба да се срами на никаков начин да каже дека е со бугарска самосвест, Волен Сидеров, Атака

-На луѓето, кои се чувствуваат како Бугари, им беше вршена репресија, имаше доста негативизам и нивните права беа нарушени, изјави Валери Симеонов, национален фронт за спас на Бугарија

НАТО стана реалност за нас, иако се чинеше дека статус кво ситуацијата никогаш нема да се помести од мртва точка, изјави Џафери, по средбата со бугарската колешка, Цвета Карајанчева.

-Убеден сум дека имањето на Република Бугарија покрај нас, е силна гаранција дека и ние како земја, меѓутоа и целиот Регион на Западен Балкан ќе се развиваме и напредуваме во вистинскиот правец кој ќе донесе мир, стабилност, напредок и благосостојба за сите наши граѓани, изјави Талат Џафери, претседател на Собрание

Џафери имаше средба и со бугарскиот премиер Борисов во Софија, на која и двајцата ја изразиле одличната соработка и значењето на проектите од инфраструктурата, транспортната и дигитална поврзаност. По Грција, Албанија и Словенија, со денешната ратификација, Бугарија стана четвртата земја членка на НАТО која даде зелено светло за земјава од потпишувањето на Протоколот пред 14 дена во Брисел. За полноправно членство во НАТО, неопходна е ретификација на сите 29 земји членки, која според проценките, треба да се заокружи најдоцна до пролет следната година.

Изврор: Канал5

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e