Борисов: Тие што ги кршат бугарските споменици ќе имаат несакани последици

Македонскиот премиер Емил Димитриев вчера во Виена го уверил бугарскиот колега, Бојко Борисов дека македонските власти ќе реагираат на скрнавењето на спомен-плочата на бугарските херои на Кајмакчалан, кое го изврши новинарот Миленко Неделковски, тврди бугарскиот сајт „Новините“.

– Не сакам да коментирам – изјавил Борисов за новинарите по самитот во Виена.

Сепак, Борисов предупредил „штом тие ги скршат бугарските споменици со чекани… ќе имаат несакани последици“.

Порталот наведува дека Борисов мисли на македонските власти кога го користи зборот „тие“:

– Кога ќе им треба помош, нема да ја добијат. Не чекавме некој да не замоли, туку веднаш испративме храна вода (како одговор на августовските поплави во Скопје и Тетово) и сите граѓани беа задоволни. Во средата владата одобри 300.000 лева (150.000 евра) финансиска помош за нив. Дали ова е тоа што го заслужуваме за нашиот братски однос? Дали тоа придонесува за нашето пријателство? Дали тоа помага во македонските интеграции во ЕУ. Утре ние ќе бидеме тие кои ќе треба да гласаат за нивниот влез во ЕУ – изјавил Борисов.

Новинарот Миленко Неделковски во четвртокот се искачил на планинскиот врв Кајмакчалан и со токмак ја искрши бесправно поставената спомен-плоча посветена на бугарските борци, кои загинале на врвот за време на Првата светска војна. Неделковски на својот „Фејсбук“ профил објави фотографии и крешењето на плочите.

Македонското Министерство за надворешни работи вчера ја повика Бугарија да ги почитува меѓународните процедури за поставување спомен-обележја.

„Очекуваме од нашите пријатели од Република Бугарија да ги почитуваат меѓународно прифатените процедури за поставување спомен-обележја. Воедно, очекуваме институциите да ги обесхрабрат сите актери што нелегално поставуваат обележја на територија на друга држава, а кои потоа можат да бидат цел на акти на насилство или да предизвикаат негативни чувства кај граѓаните“, стои во реакцијата од МНР.

Извор: Мета

За поврзани вести продолжете надолу

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e