Богоев: Ставивме точка на расипничкото и неодговорно работење

Знаејќи дека таксата за уредување на градежно земјиште (народски кажано комуналии) се меѓу главните извори на финансирање на сите единици на локална самоуправа, слободно можам да кажам дека Општината изгуби средства. Сепак, уште на самиот почеток покажавме дека ќе играме бескомпромисно. Се надоврзавме на граѓанските иницијативи пред Уставниот суд, и истите ги поткрепивме со конкретни докази, за пропустите при носењето на деталните урбанистички планови. Ако во опозиција сте биле гласни кога дел од плановите насилно се носеле за време на празници и Нова година, граѓаните очекуваат да преземете акција кога ја имате моќтаза делување, вели градоначалникот на општина Карпош, Сефан Богоев во интервју за Ипортал.

Тој додава дека ако се погледне Извештајот од Државниот завод за ревизија ќе погледнете дека криминал има буквално во секоја пора од работењето.

Bogoev6

Ипортал: Две години откако седнавте во градоначалничкиот кабинет, како би ја опишале состојбата во Карпош?

Богоев: Ако зборувам од аспект на надлежности на локалната самоуправа можам да кажам дека граѓаните ве перцепираат како „виновик“ за речиси сите случувања. Локалната власт е најблиска до граѓаните и на некој начин природно е прво да се обраќаат до градоначалник и општинските служби. Имајќи ја предвид задолженоста и финансиската состојба на Карпош, можам да кажам дека за две години направивме навистина доста работи. Драго ми е што ставивме акцент на зголемување на зеленилото и заштита на животната средина. Добивме повеќе од 300 нови дрвја и заштитивме голем дел од јавните површини кои беа перцепирани како потенцијални градилишта, паркчето на ул. „Букурешка “, просторот околу „Партизан“ и сл.

Ипортал: Кои се последиците од укинатите детални урбанистички планови од Уставниот суд?

Богоев: Знаејќи дека таксата за уредување на градежно земјиште (народски кажано комуналии) се меѓу главните извори на финансирање на сите единици на локална самоуправа, слободно можам да кажам дека Општината изгуби средства. Сепак, уште на самиот почеток покажавме дека ќе играме бескомпромисно. Се надоврзавме на граѓанските иницијативи пред Уставниот суд, и истите ги поткрепивме со конкретни докази, за пропустите при носењето на деталните урбанистички планови. Ако во опозиција сте биле гласни кога дел од плановите насилно се носеле за време на празници и Нова година, граѓаните очекуваат да преземете акција кога ја имате моќтаза делување. Тоа и го направивме. Сите оспорени планови ги поткрепивме со докази. Тоа не направи да бидеме и поодговорни при креирањето на новите детални урбанистички планови. Денеска, ДУП-те во Карпош навистина се креираат заедно со граѓаните. На јавните презентации учествуваат по стотици граѓани, чии забелешки се земаат предвид. Таков е последниот случај, со ДУП – от за Трнодол.

Затоа, со укинувањето на ДУП-овите изгубивме нови приходи, но почнавме да ја враќаме довербата на граѓаните во локалната самоуправа, да покажуваме дека можеме да имаме заеднички интереси и конструктивна соработка. И тоа нема цена.

Bogoev1

Ипортал: Колку од милионската сума која ја должеше општината е вратена и уште колку останува за да целосно се исчистат долговите на Карпош?

Богоев: Општината ја наследив со долг од речиси 18 милиони евра. Минатата година, од Владата ни беа доделени 248.333.164 милиони денари или околу 4 милиони евра, со кои покривме дел од доспеаните долгови. Изминативе две години креиравме рестриктивни буџети. Гледавме да кратиме од непродуктивните трошоци, а сепак Буџетот да има и одредена развојна компонента. Карпош се уште е меѓу најзадолжените локални самоуправи во Македонија, но ве уверувам дека ставено е точка на расипничкото и неодговорно работење. Лимитирани се средствата за репрезентации, патни трошоци, патувања и слично.

Ипортал: Вашиот претходник, Стевчо Јакимовски доби обвинение за злоупотреба на службената положба и овластување, несовесно работење во службата и за бесправно градење. Колку слични дела излегоа од укинатите ДУП-ови или од Извештајот на Државниот завод за ревизија?

Богоев: Ако се погледне Извештајот од Државниот завод за ревизија ќе погледнете дека криминал има буквално во секоја пора од работењето. Покрај делата за кои моментално се терети Јакимовски, ќе најдете и голем број на примери за ненаменско трошење на буџетски средства. Се слевале милиони евра за кошаркарскиот клуб „Карпош Соколи“, бил земен кредит од 2,6 милиони евра, за инфраструктурни проекти, а парите биле потрошени ненаменски. Изградбата на новата општинска зграда е врз основа на проект кој не е одобрен од страна на Советот на Општина Карпош, како и без изменето одобрение за градба што не е во согласност со Законот за градење и Одлуката за изградба на административен објект. Извештајот завршува со ревизорското мислење, каде што всушност, Ревизорскиот тим не изразува мислење со што, го квалификува финансиско – материјалното работење на Општината на најниско можно ниво.

Ревизорскиот тим констатира дека сметката на основен буџет, цитирам: „Не е во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики“. Значи, ова не го тврдам јас, како негов политички противник во кампања, туку овластен државен ревизор, ревизорски тим кој неколку месеци ја проверувале состојбата во Општината. Апсолутно дека и пропустите при носењето на укинатите детални урбанистички планови носат одговорност.

Јас, Извештајот од ДЗР јавно го презентирав, во април 2018 година и го доставив до Основното јавно обвинителство и Управата за финансиска полиција.

Одговорност мора да има и Општината е отворена за соработка со сите инситуции. Денеска Јакимовски се обидува да се „испере“ и вината да ја пренесе на службениците, што е кукавички и неодговорно. Сите знаеме кој бил главниот нарачател и главниот виновик за финансискиот колапс на Карпош.

Ипортал: Ја воведовте картичката за попусти „Мој Карпош“. Колку граѓаните ја користат оваа картичка и какви бенефити носи истата?

Богоев: Картичката „Мој Карпош“ беше едно од главните мои ветувања во изборната програма. Повеќе од 5.000 граѓани ја користат картичката и постојано се обидуваме да ја унапредуваме. Со оваа картичка, сите граѓани над 13 години, жители на Карпош, добиваат попусти и бенефиции во голем број на локали кои функционираат на територија на Карпош. Тука се вклучени голем број на угостителски објекти (кафулиња, ресторани, lounge барови), но и приватни здравствени ординации, аптеки, ИТ компании, културни и спортски установи. Придобивка имаат сите, и приватниот сектор и граѓаните и Општината. Логиката е следна. Најголем дел од локалите даваат попусти во периодот од денот кога имаат помала фреквенција, помал промет. Има локали, ресторани кои во 09:00 часот наутро немаа голема гужва, затоа даваат попусти на својот доручек, со што ги привлекуваат карпошани да потрошат пари во утринските часови. Прометот на локалот ќе се зголеми, а корисникот (граѓанинот) ќе добие добро или услуга по пониска цена. Приклучени се над 250 локали, а изработивме и посебна веб страна, mojkarpos.mk, преку која граѓаните се регистрираат, можат да видат во кој локали има попусти и слично. Моментално, работиме и на креирање на мобилна апликација, токму за оваа картичка.

Bogoev

Ипортал: До каде е изградбата на паркот кој го ветивте со скопскиот градоначалник Петре Шилегов?

Богоев: Веќе се одвиваат градежни активности на терен, за изведба на Спортско – адреналински парк, на потегот кај алпинистичката карпа. Добивме грант од речиси еден милион евра, од Европската унија, а администриран преку Светска Банка, за изведба на нова спортско – рекреативна зона. Овој дел ќе биде завршен до месец јуни 2020 години. Потоа, нашата заложба е целосно да се раззелени потегот до бунарите на реката Лепенец. На овој простор, со децении се фрлал отпад, се создавале диви депонии и се палеле огнови на отворено. Зборував и со Градот и има волја заеднички да го уредиме овој дел. Тука ќе добиеме многу повеќе зеленило, како и содржини за рекреација на најмладите, тинејџерите и повозрасните. Слободно можам да кажам дека Градот ќе добие нови „бели дробови“, а граѓаните ќе бидат сведоци на една од најатрактивните спортко – рекреативни зони (со игралишта за фудбал и одбојка на песок, детски парк, адреналински дел, сквер и сл).

Ипортал: Превработеноста, но и големиот број на вработени со aвторски договори беа голем проблем. Каква е сега ситуацијата со општинската администрација?

Богоев: Уште на самиот почеток се соочив со голем број на лица кои земаат плата, а не доаѓаат на работа. Околу 100 службеници биле ангажирани преку агенција за привремени вработувања, но не доаѓале на работа и нормално, договорите не им беа продолжени.

Се согласувам дека превработеноста е загрижувачка, а големиот број на вработувања преку агенција за привремени вработувања е нотирано и во Извештајот на ДЗР. Постепено гледаме да ја менуваме оваа слика. Граѓаните со право знаат да се лутат на бавната и неефикасна администрација. Затоа голем број од лицата, вработени по урбаните заедници добиваат овластување за комунални редари, да бидат почесто на терен и да ги казнуваат оние кои свесно фрлаат ѓубре, имајќи предвид дека заштитата на животната средина е еден од главните предизвици.

Сепак, во оваа сфера имаме уште многу работа, како и потреба од прилагодување на законската регулатива, со цел да добиеме вистинска администрација – сервис на граѓаните.

Ипортал: Колкав процент од ветената програма реално ќе завршите до крајот на вашиот мандат?

Богоев: Нормално е да се стремиме што е можно повеќе проекти да реализираме, но ќе бидам искрен и јавно ќе соопштам кога нешто нема да можам да реализирам. Во изминатиов период го рестартиравме турнирот „Сокол“, започнавме со изведба на паркот долж Вардар, ја водиме Иницијатива за спас и обнова на „Партизан“, воведена е картичката „Мој Карпош“, направена е нова градинка во Бардовци, реконструирани се повеќе улици („Њуделхиска“, „Варшавска“, „Даскал Камче“). Се сѐ ова ветувања од мојата програма, кои веќе се реализирани или се во тек на реализација. Направивме и многу работи кои не ги ветивме, но ја согледавме потребата од нивна реализација и ги интегриравме во годишните буџетски програми.

Тука, сакам да истакнам дека и независната мрежа за проверка на факти „Вистиномер“ редовно известува за статусот на реализација на проектите од мојата програма. Водиме еден отворен однос и постојано ги информираме граѓаните за ветувањата, но и за причините зошто доцниме со некои работи.

Секојдневно информираме за тоа што го работиме, а на крајот на мандатот со чист образ ќе можам да кажам за се што било ветено – (не)реализирано.

Искрената комуникација ја водам секојдневно, со новинарите, со граѓаните, на социјалните мрежи.  Затоа што како општество, уморни сме од фрази и пароли. Потребни се резултати и вистина.

Ипортал: Што го прави Карпош поразличен под водство на Богоев, отколку под водство на Јакимовски?

Богоев: Спортската сала „Партизан“ и паркот долж Вардар. Тука ќе ја направиме разликата која ќе биде видлива за сите. Со години, култната сала „Партизан“ пропаѓаше и постоеа закани дека ќе биде до темел срушена и ќе „никнат“ нови згради. Ова не го дозволиме. Овој дел ќе остане со намена за спорт и рекреација, а во исчекување сме и на финално доделување на салата во наше владение, со што ќе започне нејзината ревитализација.

Долж Вардар, од алпинистичката карпа до бунарите на р.Лепенец почнавме да создаваме парк, кој по својата големина и атрактивност ќе се доближи до Градскиот парк.

Водиме грижа буквално за секоја педа јавен простор.

Јакимовски успеа да го загрози урбаното живеење во Карпош, така речиси ја уништи населбата Тафталиџе 1. Јас и мојот тим водиме грижа за хуманизација на јавниот простор: повеќе зеленило, детски паркови меѓу зградите, уредени зелени површини и подобри услови во градинките и училиштата.

Денеска работиме чесно и во интерес на граѓаните. Криминалното работење е минато.

А.Т. 

Фото: Борче Поповски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e