Битиќи: Ќе се увезуваат работници од странство, првично од Западен Балкан

Македонската економија ќе се раздвижува со увоз на работници од странство. Пазарот ќе се либерализира, но дали целосно или таргетирано, се уште е отворена дилема, вели вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Фокусот во старт, посочува Битиќи во интервју за Дојче веле, е регионот на Западен Балкан. Идејата е да се зголемат и годишните квоти, а ако има потреба и општа согласност, да се таргетираат и трети земји.

Точно е дека се уште постои висока стапка на невработеност која изнесува 14 отсто и е со тренд да се намалува во наредниот период, но соочени сме и со сериозен одлив на кадар од државата.Овој тренд е присутен не само кај нас, туку во сите земји од Западен Балкан и се должи на она што се случува и во земјите од Европската унија, како Германија, Франција, Белгија, кои ги отвораат пазарите на труд, но исто така имаат и миграција на работници во трети земји, вели Битиќи.

Ние како Западен Балкан,посочува, немаме таква миграциска политика за да кажеме кон кого се отвораме.

-Но првиот исчекор го направивме пред година и половина со иницијативата „Отворен Балкан“. Дел од овој процес се и законските решенија за единствен идентификациски број на трите земји Србија, Северна Македонија и Албанија, што е поврзано со една од вредностите на Европската унија, а тоа е мобилноста. Да може работната сила полесно да доаѓа. Извештајот на ОЕЦД покажува дека интрамиграциските движења во Западен Балкан се на ниво на 15 отсто од вкупното миграциско движење. Постоело и претходно, постои и сега, ама ние сакаме да го артикулираме уште повеќе за да ги искористиме сите потенцијали од Западен Балкан, затоа што и културолошки сме поблиски. Луѓето многу полесно ќе се движат и снаоѓаат на пазарот на труд, појаснува Битиќи.

Порачува дека  не би требало да имаме привилегирана земја кон која ќе се насочиме и затоа, како што вели, неделава ќе разговараме детално со стопанските комори, организацијата на работодавачите, за да видиме што, каде и колку ни е потребно.

-Има одредени сектори кои покажуваат преголема ранливост, како на пример градежништвото, угостителството и туризмот како најпогодени. Но треба да видиме конкретно и за другите потреби, затоа и зборуваме и ќе разговараме со бизнис заедницата кои се другите потреби и што треба да направиме. Прво ќе ги идентификуваме сите сектори и ќе мора да воведеме правила. Нема да дозволиме во одредени сектори 90 отсто од работниците да бидат увезени, а 10 отсто да бидат наши. Мора да има приоритет јавниот интерес и секако заштитата на нашите граѓани е на прво место. Ние можеме да обезбедиме да донесeме, да помогнеме, но не да бидат тие носечки кадри. Со стратегијата на носење на работна сила, да се зголеми конкурентноста, а тоа е прв момент кон зголемување на продуктивноста, вели Битиќи.

Во нашата земја, како што истакнува, веќе имаме работници од Индија кои работат во автоиндустрија и во секторот за информатичка технологија. Исто така и во делот во градежништвото имаме работници од источна Турција, а на автопатот Кичево кон Охрид каде се ангажирани работници од Кина

-Имаме и работници од други земји. Ние размислуваме дека на пример е дојдено време за проширување на квотите. Првиот исчекор е да се движи во делот на годишните квоти.Сегашната квота е пет илјади на годишно ниво и таа бргу се пополнува. Веќе имаме и потреба за работна сила за одредени поголеми инфраструктурни проекти. Лично сметам дека бројката треба да се зголеми, најмалку двојно, но да не прејудицирам и да оставиме тоа да биде резултат од разговорите кои ќе ги водиме, порачува Битиќи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e