Без ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ помина дебатата за една изборна единица и отворени листи

Групата пратеници кои ги предложија измените во Изборниот законик заедно со нивните колеги од владејачката СДСМ и експерти дебатираа за една изборна единица, отворени листи и еднаква родова застапеност на листите. Кочничарите на измените, кои со над 5.000 амандмани буквално го блокираа процесот и можноста за него да се гласа, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не се појавија на дебатата, на која имаше претставници од невладиниот сектор, уставни професори и претставници на Државната изборна комисија.

Професорот по уставно право, Светомир Шкариќ обраќајќи се кон пратениците кои се „за“ носење на измените рече дека немаат пречка да гласаат, бидејќи се 65 пратеници, со што е обезбедена уставност на Законот.

„Нема ништо поприродно од тоа целата Република да биде една изборна единица, зошто само под тие услови може да се обезбеди еднаквоста на гласачкото тело, но да се пормени и донтовиот модел, кој и натаму ќе исфрла гласови. Ако размислите за други модели, на пример Баденовиот модел. Харов модел, една изборна единица со отворени и подвижни листи. Нашите сега се мртви, партиски листи. Треба да се отворат и да се раздвижат и тогаш ќе може да се подигне стручното ниво на пратениците, да се нема само еден туку повеќе независни пратеници кои ќе можат да соберат гласови за да го постигнат изборниот количник. Законикот кој е предложен треба да се објави во јавност и да се организираат две-три дебати“, нагласи Шкариќ.

Претставникот на Државната изборна комисија Јанакие Витановски, пред пратениците рече дека тие се подготвени за тоа што ќе го исгласаат пратениците, нагласувајќи дека дебатата е добра за развој на демократијата.

„Ние сме спремни да ги организираме изборите дали тоа ќе биде со една или шест изборни единици. Можеби ако има една изборна единица ќе ни треба нов софтвер. Ви посакувам успешна работа, ова е добра дебата за развој на демократијата во Република Северна Македонија“, рече Витановски.

Пратеничката од ДОМ, Лилјана Поповска пак, истакна дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ги блокираат измените бидејќи така ќе останат „господари“ на политичката ситуација во државата.

„Нема да може да бидат господари на политичката ситуација во Македонија, второ, секоја партија ќе има избор дали сама или во коалиција и трето, граѓаните ќе можат да се произнесат како и за кого сакаат да гласаат, ова би произлегло ако не се блокираа. Би сакала да слушнам аргументи против. Се водат битки долгогодишно, ние како ДОМ сами излеговме на избори во 2006 година, освоивме гласови за тројца пратеници, успејавме одвај еден пратеник да обезбедиме и јас од тогаш ја водам оваа битка“, рече Поповска.

Извор: Локално.мк

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e