Автобусот извлечен, кај возачот нема присуство на алкохол, дрога или лекови

Траги од багери, гранки и искршена банкина. Ова се единствените докази што останаа да сведочат за вчерашната сообраќајна несреќа. Работниците од Комунална хигиена попладнево ја исчистија нивата во која се преврте автобусот, откако излета од автопатот. Претходно службите два часа го извлекуваа целосно уништеното возило. Го однесоа на вештачење во касарната Ѓорче Петров, каде треба да се утврди дали можеби причина за несреќата е неговата неисправност. Мештаните жалат што синоќа немаше таква механизација на ова место. Со голи раце се обидувале да го превртат автобусот, на крај тоа и им успеало со помош на багер, чиј сопственик го испратил откако ја видел несреќата.

Раскажуваа дека прв низ шофершајбната на автобусот излетал возачот. Бил во несвест и не се сеќавал на ништо. Патник излетал сосе седиште и така се спасил. Друг кој ја преживеа несреќата, забележал дека нешто не е во ред, се обидел да помогне, но не успеал.

Претпладнево полицијата и јавниот обвинител, на дневна светлина детално анализираа што се случило. Се собираа и прегледуваа личните документи на патниците и мобилните телефони, кои исто така ќе бидат вештачени. Екипа на Mашинскиот факултет ги направи и првите проверки на исправноста на возилото. Автобусот е 18 години во сопственост на фирмата и е регистриран во јануари годинава. Обвинителството ја побарало целокупната документација од компанијата „Дурмо турс“ во врска со дозволите за јавен превоз кои ги поседува, одржувањето на возилата, бројот на патници и продадени карти во автобусот како и податоци во врска со работното време и релациите кои ги поминал возачот критичниот ден. Во првичниот разговор на јавниот обвинител со возачот, тој не дал релевантни податоци за целиот настан. Анализата покажала дека не бил под дејство на алкохол, лекови или дрога. Со барање на листинзи од мобилен оператор ќе се утврдува и дали тој во тој момент зборувал на мобилен телефон.

Извор: Телма

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e