АНАЛИЗА: Опозицијата со поголем број на градоначалници, власта со повеќе гласови на советничките листи

Втор ден по завршување на вториот круг од локалните избори е период кога полека стивнуваат реакциите од јавноста и емоциите од политичките партии.

Ноќта во неделата едни славеа, други беа разочарани.

Арсовска по прогласувањето победа во Скопје, побара оставка од Заев. Мицкоски, иако во предизборието ветуваше дека помеѓу двата круга ќе има ново парламентарно мнозинство, сепак тоа не му успеа и затоа неговиот настап беше не толку уверлив и без еуфорија. Во таборот пак на СДСМ, нивниот лидер ги шокираше сите со поднесената оставка и од претседател на СДСМ и од премиер на владата.

Заев си го одржа ветувањето кое го даде помеѓу двата круга дека доколку СДСМ загуби во Скопје, тој нема да може да продолжи да соработува со кандидатката на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

Оставката на Заев наиде на негодување кај неговите коалициони партнери. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјави дека имал два тензични телефонски разговори со Заев за да го убеди дека одлуката со оставката е избрзана и непотребна. Заев, вчера во владата ги свика лидерите на сите коалициони партнери, лично да им го образложи овој потег и да ја договорат натамошната стратегија на делување. Но, она што можеше да се забележи од изјавите на сите е едногласната одлука дека не треба да има оставка од премиерот и потврда од сите за стабилното владино мнозинство и немањето потреба за одржување на нови парламентарни избори.

Токму поради тоа, анализирајки ги детално резултатите од локалните избори дојдовме до податоци и бројки кои покажуваат дека иако ВМРО-ДПМНЕ доби поголем број на градоначалници, сепак власта освоила поголем број на гласови од опозицијата на советничките листи, нешто за што и од двете страни пред изборите беше најавено како вистински репер за тоа кој ќе биде победник а кој поразен.

Ако знаеме дека во владината коалиција, покрај СДСМ партиципираат и ДУИ, БЕСА, ЛДП, ДОМ ,НСДП, ВМРО-НАРОДНА, АЛТЕРНАТИВА, ДПА, ДПТМ, ПДТ, БДС и останатите, сите заедно имаат вкупно 419.346 гласови. Настрана тоа што на овие избори, некои од нив си ја пробаа сами својата сила, но потенцираме дека вчера сите потврдија дека остануваат во Влада и се против ново парламентарно мнозинство и нови избори. За разлика од владејачките партии, целата опозиција заедно освои 396.997 гласови. Тука спаѓаат гласовите на ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција, плус ЛЕВИЦА И АЛИЈАНСА/АЛТЕРНАТИВА.  Тоа е разлика од над 22.000 гласови во корист на власта.

250959145_310607733902155_8666110216867916408_n

Значи, партиите кои ја сочинуваат власта на централно ниво, освоија над 22.000 гласови повеќе од сите партии од цела опозиција заедно.

Доколку партиите на власт настапат заедно на парламентарни избори и партиите од опозицијата исто така настапат здружемо, според соодносот од овие избори, власта би освоила 2 до 4 пратеници повеќе од целата опозиција.

Иако, перцепцијата кај граѓаните е дека на овие избори победи опозицијата, всушност бројките покажуваат нешто сосема друго.

Ова е важно токму поради фактот што во моментот се врши психолошки притисок од опозицијата дека наводно тие се клучни фактори во понатамошниот тек на политичките случувања во државата. Можеби затоа Мицкоски не притиска по секоја цена да се оди на брзи предвремени парламентарни избори.

Затоа, заклучокот е дека ниту едните треба многу да се радуваат ниту другите да тагуваат.

Сепак, ова беа локални избори на кои граѓаните гласаа за тоа кој да им асфалтира улици, да сади цвеќиња, гради булевари, канализации и водоводи, вистинската борба се очекува да биде на наредните парламентарни избори кои треба да се одржат во 2024 година.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e