Анализа: Ангеловска сепак не забранила комуникација со новата заменик министерка за финансии

Анализа на порталот КриТинг

Насловот на текстот што го рецензираме е бомбастичен, но не e поткрепен со докази дека министерката за финансии Нина Ангеловска, наводно, забранила комуникација на вработените со новата заменичка од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска-Кочоска. Во дописот што е објавен во текстот е објаснет начинот на комуникација кој треба да оди со дополнителната заменик-министерка, но не е наведена забрана. Демант на оваа информација стигна и од Министерство за финансии.

Линк до оригиналниот напис: СКАНДАЛ: Министерката на Заев им забрани комуникација на вработените со новата заменичка од ВМРО-ДПМНЕ

 Датум и време на објавување: 8.1.2020

Датум на рецензија: 9.1.2020

Рецензира: Силвана Жежова

Во насловот и на самиот почеток од текстот се тврди дека министерката за финансии, Нина Ангеловска, на вработените во Министерството „им забранува да комуницираат со дополнителната заменик-министерка Гордана Димитриеска-Кочоска“.

Дописот е испратен рано утрото по стапување на должност на Димитриеска-Кочоска, изгласана во Собранието како член на техничката влада, што е во согласност со Пржинскиот договор.

Во дописот од Министерството, пак, објавен во истиот текст, никаде не се спомнува забрана за комуникација со дополнителната заменичка-министерка Димитриеска-Кочоска, туку е објаснет начинот на кој треба да се одвива таа комуникација во рамките на институцијата:

секоја комуникација и барања упатени од дополнителниот заменик-министер или член на неговиот кабинет кон поединечни вработени во одредени сектори мора прво да бидат одобрени од раководител на сектор и/или државен советник, а раководителот на сектор/државниот советник треба да има претходно одобрување од кабинет на министер.

Ова, се коси со тврдењето искажано во претходниот пасус (и во насловната конструкција) дека постои „забрана за комуникација“.

Од Министерство за финансии истиот ден ги демантираа обвинувањата дека била „забранета комуникација на вработените со техничката дополнителна заменик-министерка за финансии“.

Организацијата на работата на Министерството за финансии, како и кај секој државен орган, е точно утврдена и пропишана со Процедури за работа. Согласно Процедурите за работа, вработените го работат предметот, го доставуваат до раководното лице на одобрување, а потоа до Кабинетот на одобрување – што е пракса години наназад. Структурата на изработка и проверка на предмети постои токму со таа цел – проверка и точност на податоци. Обидот да се претстави пропишаната процедура за работа како завера од страна на одредени медиуми не го гледаме како ништо друго освен обид за политичко поентирање преку лажни вести. Тоа е спротивно на интересот на Министерството за финансии јавноста да биде навремено и точно информирана, се вели во ДЕМАНТОТ на Министерство за финансии.

Текстот е манипулативен и ја дезинформира јавноста, бидејќи едно е кога има процедура за работа во една институција, а сосема друго доколку министерката лично забранила комуникација со дополнителната заменик-министерка, како што тврди овој напис без никакви докази. Министерство за финансии е институција која располага со бројни податоци, па оттука потребни се правила на интерна и надворешна комуникација.

„Овој напис е изработен во рамките на проектот „Со критичко мислење за медиумски умешни граѓани – КриТинк“, спроведуван од Метаморфозис и Евротинк со поддршка на Европската Унија. Содржината е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува нивните ставови. За повеќе информации посетете го веб-сајтот crithink.mk или Фејсбук-страницата fb.me/kritink.mk. Написите се слободни за преземање доколку се наведе изворот (со линк) и оваа напомена.“

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ