Ако не се избере нов директор, ДЗР ќе престане со работа

Вработените во Државниот завод за ревизија денеска побараа од институциите во државата под итно да изберат нов директор на ова ревизорско тело, бидејќи во спротивно, како што порачаа, тоа де факто ќе престане со работа.

Говорејќи на прес-конференцијата одржана во ДЗР, ревизорот Мијалче Дургутов нагласи дека таа е свикана на иницијатива на сите вработени, со цел да се изрази нивната загриженост од фактот што оваа институција веќе една година и 11 месеци функционира без директор, а на 4 октомври годинава истекол мандатот и на заменикот директор, со што е оневозможено нормалното функционирање на Заводот и е доведена во прашање неговата независност.

– Доколку не дојде до брз итен избор на државен ревизор, ние се соочуваме де факто со законско престанување со работа, бидејќи не можеме законски да работиме. Нема да бидеме во можност да ја реализираме тековната програмата за работа до крај, ниту да ја донесеме програмата за работа за 2020 година, нагласи Дургутов.

Тој информира дека вработените за своите барања поддршка добиле и од меѓународната организација на ревизорски тела.

– Наше основно барање е транспарентен избор на главен државен ревизор. Не бараме ништо повеќе. Не молиме никого за нешто. Ги бараме само нашите права. Бараме да работиме, порача Дургутов.

Според него, неизборот на државен ревизор би го довело во прашање и спроведувањето на изборите, бидејќи ДЗР во вакви услови не би бил во можност да врши ревизија на изборните кампањи.

Дургутов нагласи дека досега вработените во ДЗР одржале неколку собири од кои упатиле писма до сите институции во државата со барање под итно да се избере директор на Заводот, за што нивна делегација одржала и два работни состаноци со претставници на Собранието.

Ознаки: ,

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e