Ако не доаѓаат на распит, Вељаноски и Димовски ќе бидат приведени со полиција, судот нема можност за нив пак да бара притвор, вели судијата Реџепагиќ

Судијата на претходна постапка Седат Реџепагиќ доцна попладне вчера бил известен од претседателот на Собранието Талат Џафери дека не биле создадени услови за симнување на имунитетот на пратениците Трајко Вељаноски од ВМРО-ДПМНЕ, осомничен за организација на нападот на Собранието на 27 април лани, како и за Љупчо Димовски од Социјалистичката партија, осомничен претходно за злоупотреби како министер за земјоделие, а за кои Обвинителството за организиран криминал бараше мерки притвор. Истрагите нема да се фрлат во вода, тие продолжуваат, вели Реџепагиќ, само што притвор за нив нема да има.

„Основниот суд Скопје 1 е известен дека не биле создадени услови според Собранискиот деловник за симнување на имунитетот на двајцата осомничени пратеници. Истрагите за Вељаноски и за Димовски продолжуваат со нивно повикување за распит. Недоаѓање на распит по уредно примена судска покана повлекува наредба за нивно стражарно приведување. Јас ќе ѝ го доставам на обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска ова известување од Собранието, а кои ќе бидат нејзините чекори натаму, не знам. Таа е во моментов на службен пат, што значи не можам да знам за тоа што ме прашувате – дали ќе бара дополнителни мерки за безбедност, како барање за одземање на патни исправи и друго, тоа е работа на Обвинителството“, вели Реџепагиќ, пренесува СДК.

Тој одговори и дека нема механизам судот повторно да бара од Собранието симнување на пратеничкиот имунитет на овие два пратеника, но остануваат на располагање други мерки за обезбедување на нивно присуство во постапката, за кои Обвинителството прави проценка дали ќе ги побара од судијата на претходна постапка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e