Вечерва во Крива Паланка онлајн проекција на монодрамата „Жените на Шекспир”

Театарот од Центарот за култура Крива Паланка вечерва во пресрет на 8 Март ќе ја прикажува монодрамата „Жените на Шекспир”.

Претставата во продукција на Кривопаланечкиот театар ќе биде прикажана преку јутјуб каналот на фејбук страницата на НУ Центар за култура Крива Паланка во 18 часот.
-Од десетиот век преку Хросвита која се смета дека е првата жена драматург, преку Вирџинија Вулф и Силвија Плат, поетеси и писателки кои можеби се жените книжевни величини кои најмногу влијаеа на женското писмо од 20 век, па се до бескомпромисните општествено ангажирани драматурзи на денешницата како Билјана Србљановиќ, женското писмо и неговата гледна точка се трансформира еволуира, до степен каде може да се каже за универзално писмо кое руши секакви стереотипи, бариери и граници, писмо кое ги детектира и се бори со универзалните сеопшти човекови проблемии теми, изјави режисерот Глигор Цветковски.

Тој додаде дека Вилијам Шекспир, веројатно најголемиот драмски автор на сите времиња, во своите бесмртни дела исто така ја илуминирал улогата, проблемите, правата и обесправеноста нажената преку брилијантно оформени ликови-хероини кои се безвременски и непотрошливи во својот драмски сензибилитет, постојано подложен на нови и нови толкувања.
-Едно такво толкување, спектар од погледи пледира да содржи и оваа монодрама во интерпретација на нашата позната Кривопаланечка актерка, Елизабета Стефановска, посочи режисерот.

Театарската монодрама „Жените на Шекспир” е бриколаж, мозаик од женските ликови од трагедиите „Кралот Лир”, „Макбет”, „Отело” и „Хамлет” олицетворени во еден женски принцип, комплетен поглед на женското писмо и код во овие стожерни драми од опусот на еден од најголемите мајстори на драмата – вонвременскиот Вилијам Шекспир.
Во претставата игра Елизабета Стефановска, режијата е на Глигор Цветковски, костимограф Ванчо Василев, снимател Ѓорѓи Костовски, а звукот и монтажата се на Петар Спасовски и Александар Гоцев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e