Во герила-акција ноќеска биле поминати со „х“ во сина боја свежо обоените жолти столчиња на трибините на стадионот каде игра фудбалскиот клуб „Брегалница“. Ноќниот чувар забележал три-четири луѓе, кои трчајќи го напуштаат стадионот.
Трибините на реновираниот стадион пред една недела добија редови со столчиња во жолта и во црвена боја. „Герилците“ успеале да ги префарбаат само жолтите столчиња. Притоа на претседателот на клубот, Ане Бојаџиев, му напишале „последна опомена“ со содржина „Брегалница е сино-бела и клубот не е твој“.
Претседателот Бојаџиев, кој е и директор на ЈП „Исар“, го осуди овој чин и рече дека полицијата работи на откривање на сторителот.
– Стадионот е градски, не е на „Брегалница“. Столчињата се обоени со боите на националното знаме, кое е жолто-црвено. Тука нема да игра само „Брегалница“, туку на обновениот стадион, кој е со висок стандард, ќе се играат и други натпревари – изјави Бојаџиев.
Но, вака не размислуваат и дел од штипските фудбалски љубители. На социјалните мрежи има разни коментари за тоа дека мора да се почитуваат клупските бои.
„Сите стадиони во светот се на нечии газди или на градови, но не стават бои какви што ќе се сетат, туку во боите на клубот. Еден клуб се одликува според бојата и тоа е вистинското обележје. Да не го споменуваме и псевдонимот на „Брегалница“ – Штипски сини“, е една од реакциите.
Фудбалскиот клуб „Брегалница“ годинава треба да одбележи 96 години од постоењето. Во сина боја е амблемот на клубот од кога постои, а сини се и дресовите во кои играат фудбалерите.
Од неодамна, по неуспешните два јавни повика за продажба на клубот, „Брегалница“ е целосно финансирана со пари од општинскиот буџет.