Расте бројот на заболени од Ковид-19 во Крива Паланка, Кризниот штаб со заклучоци за нови мерки за заштита

По појавата на четири нови случаи со Ковид-19 за една недела на подрачјето на Крива Паланка, со што бројот на активни случаи достигна 15, Општинскиот кризен штаб заседаваше и донесе заклучоци за нови мерки и активности во градот за превенција од ширење на болеста.

Кризниот штаб инсистираше на доследно и одговорно почитување на обврската за носење заштитни маски и заштитни ракавици и на отворен и во затворен простор, при посета на деловни субјекти, државни или локални институции.

-Задолжително да носат маски сите вработени во деловните субјекти кои испорачуваат услуги на граѓаните преку непосреден контакт, за целото времетраење на нивното работно време во работните простории, како и сите вработени во државни и локални институции, подрачни служби на органите на државната управа, јавните претпријатија и агенции за времетраењето на нивното работно време во работните простории, со посебна препорака за доследно почитување на протоколите за социјална дистанца, како и препорака за набавка на апарати за мерење температура на влезот на објектите кои вработуваат повеќе од пет лица, информираат од Општинскиот кризен штаб Крива Паланка.

Оттаму апелираат граѓаните да се воздржат од какви било семејни собири и прослави во своите домови, викендици и куќи на село, бидејќи состојбата со присуство на коронавирусот во општината се зголемува, а со тоа и опасностите по здравствената состојба на граѓаните.

Кризниот штаб повика и на почитување на протоколите за одржување јавни настани, со препорака и забрана за одржување собири со повеќе од 30 лица, без оглед дали е јавен настан, слава, верски празник или домашни прослави.

Штабот за заштита и спасување на Општина Крива Паланка во соработка со мобилните волонтерски тимови на Црвен Крст Крива Паланка, ОВР Крива Паланка и комуналните редари во Одделението за инспекциски надзор во Крива Паланка, треба да спроведат акција за дистрибуција на заштитни маски на подрачјето на општината со цел подигнување на колективната свест за превенција и спречување на ширењето на Ковид-19.

Достава на храна, медикаменти и останати неопходни средства за старите и изнемоштени лица, лица во изолација, болни, лица со посебни потреби и останати социјално загрозени категории ќе врши Црвен крст, а граѓаните можат да се јават на телефонскиот број 078 30 30 60.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e