Последна фаза од обновата на на регионалниот пат Делчево – Виница преку Бигла

Започна последната фаза од реконструкцијата на регоналниот патен правец Делчево – Виница преку село Бигла. Со градежните активности како што информираше градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски ќе биде заокружена целина од 18 километри од селото Бигла до селотот Трстија.

-На огромно задоволство на жителите од повеќе населени места и од Делчево и од Виница, во последните денови интензивно се работи на реконструкција на регионалниот патен правец Делчево – Виница преку село Бигла, каде што се асфалтираат последните 4 километри. Претходно овде исто така се изврши реконструкција на околу 14 километри од овој регионален патен правец. Овде имаме проширување на коловозот од три на пет метри, изградба на банкини и одводни канали. Последната делница е од села Бигла до село Трстија така што вкупната должина на овој патен правец ќе биде заокружена на околу 18 километри, рече Трајковски.

Средствата за реализација на овој инфраструктурен проект, како што додаде, се обезбедени преку Министерството за транспорт и врски, во висина од 30 милиони денари. Очекува со проектот да се решат круцијални проблеми на жителите од повеќе места и од делчевската и виничката општина, меѓу кои и подобрување на безбедноста во сообраќајот, како и комуникациската врска на селата кои гравитираат на овој патен правец и во овој регион.

-Во целиот регион се случува една ренесанса која не била со години можам да кажам 30 години во овој Источен регион. Со финансиските средства што ги вложува Владата предводена од СДСМ во однос на инфраструктурата, во Делчево имаме и голем број други проекти како одвојување на фекалната од атмосферската канализација во населба Милково Брдо. Имаме решен транзитен булевар, решен патен правец кон граница со Бугарија во должина од 5 километри, во должина од 11 километри е решен и патниот правец Делчево – Пехчево, така што, ова е ренесанса со која Владата на СДСМ инвестира во инфраструктурно поврзување со целиот овој регион, наведе Трајковски.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кој заедно со градоначлникот изврши увид во градежните работи на патото Делчево – Виница преку село Бигла додаде дека соработката помеѓу Министерството и општината ќе продолжи и во 2021 година.

-Можам да кажам дека како Министерство со Општина Делчево имаме одлична соработка, бидејки веќе овде преку Светска банка имаме три улици кои во текот на 2021 година ќе влезат во реализација и секако атмосферска канализација која што е во висина од над 200 илјади евра. Оваа тесна комуникација ќе продолжи и понатаму, заедно со пратеничката од овој крај, ќе бидеме во блиска комуникација и сум убеден дека даваме посебен придонес во овој регион и во подобрувањето на квалитетот на живот на граѓаните, рече Бочварски.

Инвестицијата во патната инфраструктура има директно влијание во подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, истакна пратеничката Соња Михаиловска. Таа ги потенцираше значајните проекти кои МТВ досега ги има инвестирано во регионот, посебно во Делчево и додаде дека целта и на денешната средба со министерот е да се потенцираат приоритетите на регионот кои ќе донесат и подобар квалитет на животот на граѓаните.

Жители на Бигла, пак, потсетија дека на реконструкција на патот што беше многу тесен и сега се проширува, чекаат од 1994 година.

Министерот Бочварски посетата на Делчево ја започна со работна средба со градоначалникот Трајковски и пратеничката Соња Михаиловска на која се разговараше за актуелните инфраструктурни проекти во Делчево, но и за приоритетите за решавање во наредниот период.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e