Пендиков добил тупаница по глава со порака „Не ти е срам да се пишиш Бугарин?“, тврди ОЈО

Основното јавно обвинителство Охрид донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 24-годишен охриѓанец, осомничен дека го претепал секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков (21) од Охрид. Тој се товари за кривично дело – Тешка телесна повреда според член 131 став 3 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

-Осомничениот, на 19 јануари, во кафе бар во Охрид, пристапил до маса на која седело едно лице, го удрил по главата, упатувајќи му ги зборовите – “не ти е срам да се пишиш Бугарин“ и се оддалечил. Неколку часа подоцна, кога оштетениот излегол од кафе барот и се движел кон неговото возило, осомничениот заедно со уште две други непознати лица го пресретнале и го нападнале, удирајќи го по главата и телото и нанесувајќи му тешки телесни повреди опасни по живот. Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Охрид достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, велат од обвинителството.

Од МВР, пак, велат дека се приведени тројцата напаѓачи врз Пендиков.

-Полициски службеници од СВР Охрид денеска (20.01.2023) по преземени мерки и активности во координација со ОЈО Охрид за расчистување на случајот со физички напад врз Х.П. (21) од Охрид, пријавен на 19.01.2023 околу 22.30 часот, ги приведоа С.К., С.К. и И.С., сите од Охрид. По целосно документирање на случајот до надлежното обвинителство во Охрид ќе биде поднесена кривична пријава, велат од МВР.

Пендиков попладнево е пренесен во Бугарија со владиниот авион „Фалкон“, јавуваат бугарските медиуми. Двајца лекари и една медицинска сестра од Воената медицинска академија во Бугарија го придружувале повредениот. Неговата состојба според тамошните медиуми е сериозна и му претстои операција.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e