Обезбедени пари за санирање на опожарениот дел на училиштето во Крупиште

Обезбедени се средства за санирање на опожарениот дел на училиштето во село Крупиште во Општина Карбинци. Директорот на училиштето, Зоран Трајанов за МИА изјави дека се известени од Министерството за образование дека е избран градежен изведувач.

–Предвидено е да се реконструира опожарениот дел, но ќе се изврши и реновирање и на останатиот дел од училиштето.Средствата во износ од околу 3.307.000 денари се обезбедени преку Министерството за образование и наука, рече Трајанов.

Тој посочи дека пожар пеплоса дел од училиштето минатата година, а процедурата за добивање средства и целата постапка околу документацијата и проектот се одвивала околу една година.

Трајанов истакна дека во изминатите две години успеал со заштеди да изврши реконструкција на училниците, подот, спортската сала, како и да го смени системот на греење, а исто така набавил и нови компјутери за учениците.

Според него, постојат услови од 1 септември да почне настава со учениците, според предвидени здравствени протоколи.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e