Нов театарски проект на Центарот за култура Крива Паланка

Со прикажувањето на монодрамата „Жените на Шекспир”, Националната установа Центар за култура-Крива Паланка го претстави новиот театарски проект поддржан од Министерството за култура.

-Новата монодрама „Жените на Шекспир” ќе биде прикажана на јутјуб каналот на официјалната фб страница на Центарот за култура. Премиерата е закажана за утре, вторник, 24 ноември, во 20 часот. Се работи за театарската монодрама замислена како бриколаж, мозаик од женските ликови од трагедиите „Кралот Лир”, „Макбет”, „Отело” и „Хамлет”, олицетворени во еден женски принцип, комплетен поглед на женското писмо и код во овие стожерни драми од опусот на еден од најголемите мајстори на драмата – вонвременскиот Вилијам Шекспир. Како измешани бои на слика или уште подобро калеидоскоп се вртат силните карактери на ликовите:Дездемона, Офелија, Лејди Макбет и Корделија, впиени во една многузначна слика од бои емоции и мисли, изјави Глигор Цветковски, координатор на театарот при НУЦК, Крива Паланка.
Во претставата игра актерката Елизабета Стефановска, режијата е на Глигор Цветковски, костимограф Ванчо Василев, снимател Ѓорѓи Костовски, а звукот и монтажата се на Петар Спасовски и Александар Гоцев.

-Преку длабокиот и слоевит талент на актерката се отвораат и се мешаат одмаздата, љубомората, чедноста, невиноста со злото, жедта за моќ и власт, се делат на атоми и повторно се обединуваат карактерните особини, плотта и животниот сок на овие прототипови на женско писмо, поглед и разбирање на светот на луѓето, себе си, љубениот и сето она што Шекспир го вградил во нив брилијантно и безвремено, додаде Цветковски

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e