Куманово една од петте општини во државата која ќе се дигитализира

Општина Куманово е една од петте пилот општини во државата која ќе се дигитализира во рамки на проектот „КОВИД – 19 брза реакција преку јавен повик за дигитализација на услугите на локалната самоуправа“ кој го спроведува Фондот за иновации и технолошки развој и УНДП. Од ФИТР, денеска информираа дека рокот за аплицирање за јавниот повик за дигитализација на општините бил продолжен до 19 октомври годинава и во моментов е фаза на евалуација и селекција.

-Апликантите треба да развијат Е-платформа која ќе ги интегрира решенија за воспоставување на електронски систем за наплата на давачките кон општината, воспоставување на систем за електронско плаќање на сметки кон јавните претпријатија, електронски систем на волонтери и онлајн платформа за општински форум. Се очекува избраното решение да биде искористено од страна на различни категории на граѓани од различни возрасни структури, без ограничување, со јасни и разбирливи инструкции за користење, велат од ФИТР.

Решенијата треба да придонесат и кон забрзување на економско закрепнување од последиците предизвикани од пандемијата на КОВИД 19 на локално ниво и олеснување на почитувањето на мерките за превенција на ширење на вирусот. УНДП ги обезбедува средствата за повикот – четири милиони денари, а спроведувањето му е доверено на Фондот и ќе се врши со користење на успешно воспоставените процедури и капацитетите на ФИТР.

-Предвидено е општините да им помагаат и на повозрасните граѓани кои имаат потреба. Преку дигитализацијата ќе се овозможи плаќање сметки на јавни претпријатија, данок на имот, други такси кои одат преку општините,појаснуваат од ФИТР.

Преку ФИТР се обезбедува финансирање до сто проценти од вкупниот буџет за проектот, во максимален износ од 75.000 американски долари во денарска противвредност со вклучени трошоци за надзор во износ од десет проценти од вкупниот оперативен буџет на проектот. Е-Платформата треба да биде изработена за максимум 30 дена, а еден апликант треба да даде понуда за сите четири решенија кои треба да бидат спроведени во сите пет пилот општини. Степенот на технолошкиот напредок и степен на дигитализација, квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим и влијание се главните критериуми според кои ќе се оценуваат предлог проектите.

Избраните дигитални алатки во оваа прва фаза ќе се имплементираат во пет пилот општини: Центар Жупа, Боговиње, Свети Николе, Прилеп и Куманово кои се селектирани преку Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) насочена кон поддршка на државата за справување со ефектите од КОВИД-19, како и спроведување на брза и сеопфатна социо-економска анализа за ефектите од пандемијата и утврдување на можности за побрзо закрепнување на локално ниво. Се очекува решенијата да бидат изготвени, но и имплементирани до крајот на годинава, а тие ќе бидат целосно бесплатно достапни и за останатите општини кои ќе изразат подготвеност и желба.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e