Во рамките на реализацијата на проектот „Бизнис Мрежа С-К-К“, финансиран од ЕУ преку ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Грција 2007-2013, денеска, во хотелот „Сириус“ започна четиридневна обука на тема „Косме и Хоризонт 2020”. Учесниците на обуката ги поздрави вршителот на должноста градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов.
-Со досегашната успешна реализација на овој проект, даваме нова потврда за сериозниот и професионален однос на Општина Струмица во поглед на искористувањето на средствата од европските фондови и унапредување на локалната економија, како и економскиот развој на овој регион. Целта на овој проект е создавање и унапредување на можностите за соработка помеѓу претпријатијата од Струмица, Кичево и Кукуш. Секако, овие можности не треба да се сведат само на прекуграничниот регион, туку да бидат поттик за пошироко поле на дејствување од страна на самите стопански субјекти. Токму обуката „Косме и Хоризонт 2020”, која во наредните четири дена ќе се одржува во Струмица, овозможува посеопфатно разбирање на најважните можности за финансирање и на механизмите кои ги нудат истоимените програми. Имено, во делот на финансиската рамка 2014-2020, Европската Унија има предвидено голем број програми во функција на зајакнување на конкурентноста и одржливоста на претпријатијата, поттикнување на претприемачката култура и развој на малите и средни претпријатија, како и олеснување на пристапот до странските пазари. Главната цел на оваа обука е детална анализа и разработка на двете програми – Косме и Хоризонт 2020, како дел од финансиската рамка за периодот 2014 – 2020. Дополнително, истата има за цел да им помогне на учесниците да се стекнат со знаење за главните теми и можности за финансирање кај Косме и Хоризонт 2020- ЕУ програмите, да се запознаат со сите важни информации околу главната политика на програмирање, правни текстови и документи и нивната важност при аплицирање за европските фондови, како и да ги осознаат правилата при аплицирање за овие ЕУ програми. На крај би сакал да им се заблагодарам на донаторите од Европската Унија, на партнерите од општина Кичево и регионот на Кукуш – Република Грција, како и на сите институции и поединци кои директно или индиректно беа или се вклучени во имплементацијата на овој проект. Воедно искажувам јавно признание за досега сработеното до вработените во Одделението за меѓународна соработка и европски фондови при Општина Струмица. Со надеж дека проектот ќе ги даде очекуваните резултати, посакувам реализација на уште многу вакви проектни активности за доброто на општина Струмица и нејзините граѓани, но и за доброто и на другите општини кои како партнери би биле вклучени во истите, рече Костадинов.