Костадинов до матурантите: Со танц нека ви биде чекорењето по вашите нови животни патишта

Денеска, точно напладне, на плоштадот „Гоце Делчев“, се одржа традиционалниот „Матурски бал“, на кој учествуваа матурантите од струмичките средни училишта. Тие танцуваа „квадрил“ по музиката од операта „Лилјакот“ од Јохан Штраус и ја испратија својата порака за ненасилство. Пред почетокот на заедничкиот танц ги поздрави вршителот на должност градоначалник на општина Струмица Костадин Костадинов.

-Во најубавиот месец во годината, дојдоа Вашите најубави денови кои Вие со нетрпение ги очекувавте, денови кои ве прават среќни, горди и одважни. Вашите матурски вечери заедно со овој прекрасен настан, наречен „Матурски бал“, се нешта кои ќе ги паметите цел живот. Вие можеби и во иднина ќе танцувате по музиката на Штраус, но веќе никогаш тоа нема да го сторите заеднички со Вашите врсници од Струмица, Макдонија и Европа. Да се биде дел од од овој интернационален матурски бал е вистинска привилегија и задоволство. Има ли нешто поубаво од тоа, да се танцува денес на струмичкиот плоштад заедно со цела своја генерација. Корените на овој универзален и исклучително автентичен настан се од почетокот од овој милениум. Идеен творец на „Матурскиот бал“ е Томаж Амброж од танцовата школа „Уршка“ од Љубљана, а првиот таков бал се случил во 2001 г. во главниот град на Словенија, по што од година во година, истиот добивал се поголеми меѓународни димензии. Во синхронизираното танцување на матурантите, Македонија се вклучи во 2007 година, што значи дека годинава славиме десетгодишен јубилеј, а Струмица е дел од него од 2008 година. Навистина е чест и задоволство за нашиов град, што во континуитет ја негува таа традиција и со тоа е составен дел од разиграната младост на стариот континент. Убаво е чувството, кога се знае дека во овој миг, Вие – струмичките матуранти, заедно со матурантите од Скопје, Охрид, Струга и Гевгелија, но и оние од преку стотина градови од повеќе земји од Централна и Југоисточна Европа, имате една единствена мисла, како со танцот да му се спротивставите на насилството. Се надевам дека со играњето „квадрил“ по музиката од Штраусовата опера „Лилјакот“, Вие ќе ја остварите Вашата мирољубива цел. И годинава, еден од стремежите на организаторите и матурантите е да се постави нов Гинисов рекорд во синхронизирано танцување. Би сакал тоа навистина да се случи, но најважно од се е дружењето и градењето на мостови на пријателство, соработка и разбирање меѓу младите. Од мое лично име и од името на сите сограѓани, ви го честитам матурирањето и ви посакувам успех во понатамошниот живот. Нека започне „Матурскиот бал“ и со танц нека ви биде чекорењето по Вашите нови животни патишта, рече Костадинов.

55 77 66 88 99

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e