Евроамбасадорот Жбогар го посети Офицерскиот дом во Битола

Шефот на Делегацијата на Европската Унија, Самуел Жбогар заедно со градоначалничката на Општина Битола, Наташа Петровска и министерот за локална самоуправа Горан Милески денеска се запознаа со градежните активности за реконструкција на Офицерскиот дом во Битола, при што разговараа за идејните решенија за понатамошна функционална употреба на објектот.

Како што соопштија од општината, градоначалничката Петровска го информирала Жбогар дека имајќи ги предвид сите околности во кои се одвива реконструкцијата, поврзани со состојбата со коронавирусот, таа е задоволна од динамиката со која се реконструира овој објект од големо културно – историско значење за Битола.

Во моментов, како што нагласила Петровска, изработени се околу 60 проценти од договорните услуги за адаптација на објектот. Поставени се дел од плочките, вентилацијата, дел од парното греење, дограмата, а се работи и на фасада. Истовремено, се работи проект за партерното уредување на Офицерскиот дом, на целата површина заедно со дворното место.

Амбасадорот Жбогар и градоначалничката Петровска, разговарале и за идејните решенија за понатамошна функционална употреба на објектот.

Проектот за реконструкција на Офицерскиот дом се реализира во рамките на потпроектот „Зголемена туристичка понуда на Пелагонискиот регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерски Дом заедно со партерно уредување“.

Проектот го изработи Општина Битола и доби подгрант средства од Европската унија во рамките на подгрантовата шема на проектот „Локална и регионална конкурентност“, финансиран од ИПА 2 доверителскиот фонд на Европската унија, администриран од Светска банка.

Вкупната вредност на договорот со Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) изнесува 58.792.610,00 денари, каде 52.913.349,00 се средства на ПЛРК (LRCP), a 5.879.261,00 денари се средства од буџетот на Општина Битола.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e