Двосменска работа за одржување на зеленилото во Карпош

Општина Карпош соопшти дека продолжува со интензивно одржување на зелените површини, во сите населби. Комуналните служби, велат од општината, работат и во попладневните часови, со цел да се подигне нивото на квалитет на зелените површини. Покрај автоматските системи за наводнување, на локациите каде што не е возможно да се постави систем, работниците рачно ги наводнуваат новозасадените дрвја или тревни површини.

Локалната самоуправа го одржува зеленилото меѓу зградите, во внатрешноста на населбите, а екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ наводнуваат долж булеварите и градските сообраќајници.

Во изминатиот период биле поставени автоматски системи за наводнување во повеќе населби: Карпош 1 (на ул. „Иван Аговски“), Карпош 2 (спроти Драмски театар и кај хотел „Карпош“), Карпош 3 (средишен дел на „Лептокарија“, долж „Никола Русински“ и во дворот на ООУ „Лазо Трповски“), Карпош 4 (на аголот меѓу „Љубљанска“ и „Партизански одреди“), Тафталиџе 2 (кај „Женевска“) и во Долно Нерези (кај „воените“ кули).

Следува, најавуваат од општината, поставување систем за наводнување и меѓу зградите на ул. „Московска“, кај пазарчето.

-Иако не е возможно целосно покривање на зелените површини со автоматски системи или рачно наводнување, со сите сили сме фокусирани да го одржиме зеленилото во добра состојба и покрај високите температури, стои во соопштението.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e