Осумдесет и едногодишен жител на Крива Паланка бил приведен откако управувал возило во спротивен правец на автопатот Скопје–Велес.
Инцидентот се случил завчера попладне, кога полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот го запреле возилото кај наплатната станица „Сопот“, во близина на Велес.
Станува збор за патничко возило „хјундаи“ со кривопаланечки регистарски ознаки, управувано од М.А. (81), при што било утврдено дека се движел во спротивна насока од дозволената.
По насоки на јавен обвинител, возачот е приведен во полициска станица, а по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Од полицијата апелираат на максимална внимателност во сообраќајот, особено на автопатиштата, каде ваквите прекршоци можат да предизвикаат сериозни последици.
