Зошто се повеќе млади луѓе заболуваат од рак?

Студија спроведена од истражувачи во Бостонската болница открива дека во последните неколку децении, стапката на одредени видови рак дијагностицирани кај лица под 50 години значително се зголемила во повеќе земји. Овој пораст е забележан кај рак на дојка, дебелото црево, ендометриумот, хранопроводникот, жолчниот меур, главата и вратот, бубрезите, црниот дроб, коскената срцевина, панкреасот, простатата, желудникот и тироидната жлезда, пренесува Eat This.

Причините за зголемената појава на рак кај младата популација се предмет на дебати и истражувања, но неколку фактори добиваат сè поголемо внимание. Онкологот Бхавана Патак од Меморијалниот Институт за рак во Калифорнија вели дека седечкиот начин на живот, помалото ниво на физичка активност и зголемената консумација на преработена храна се некои од клучните фактори што придонесуваат за оваа појава.

Сепак, и покрај овој вознемирувачки тренд, статистиките на Американското здружение за рак (ACS) покажуваат позитивни знаци – ризикот од смрт од рак во САД е намален за 32% во последните 28 години, што е делумно резултат на раното откривање и подобрените методи за третман.

Онкологот Антон Билчик потенцира дека факторите како што се дебелината, пушењето и преработената храна предизвикуваат воспаленија во телото и го нарушуваат микробиомот и имунолошкиот систем, што може да го зголеми ризикот од развој на рак. Дополнително, напредокот во скрининг тестовите за рак, како што се мамографиите и колоноскопиите, како и зголеменото внимание на генетската предиспозиција, допринесуваат за откривање на повеќе случаи на рак, особено кај помладата популација.

Шон Маркезе, медицински техничар со долгогодишно искуство во онкологија, истакнува дека зголемувањето на тестирањето и дијагностичките методи водат до откривање на повеќе случаи на рак на простата, кој сега е втората водечка причина за смрт кај мажите. Иако ризикот од смртност од рак опаѓа, порастот на случаи кај помладите од 50 години продолжува да загрижува експертите.

За да се намали ризикот од развој на рак, експертите препорачуваат вежбање, здрава исхрана, откажување од пушење и намалена консумација на преработена храна.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e