Зорица Заева: Чувајте си го здравјето, поради себе, но и поради најблиските!

Октомври е национален месец за подигање на свесноста за ракот на дојка. Традиционално, веќе 25 години наназад, во поголемиот дел од светот, секој октомври јавните личности, медицинските организации, владини агенции и луѓе кои лично, или пак нивни блиски се соочиле со тешката дијагноза, ја даваат својата поддршка, но и работат на подигањето на свеста за болеста, нејзина превенција, лекување и прибирање на финансиски средства со помош на разни, таканаречени розови акции.

Сопругата на премиерот Зоран Заев, Зорица, во разговор за ,,Фокус” вели дека не само во месец октомври, туку жените соочени со ракот на дојка и нивните блиски, треба константно да ја добиваат потребната поддршка од општеството и во ниту еден момент да не почувствуваат дека се препуштени сами на себе. Исто така, таа апелира на редовни контроли, кои можат да помогнат во рано дијагностицирање и успешно лекување на болеста.

-Како жена, мајка и сопруга, јас годишно одам еднаш до два пати на прегледи. Сметам дека тоа е обврска на секоја од нас, превнствено поради себе, но и поради најблиските. Никој не може на децата да им ја замени мајката, на родителите ќерката, сестрата, пријателката. Токму поради љубовта кон блиските, мора да се грижиме за своето здравје. Правете редовни прегледи – изјави Заева, апелирајќи на практикување редовни самопрегледи на градите, редовни посети кај лекарите и годишни мамограми, се со цел заштита на здравјето на жената.

Ракот на дојка е петтата најсмртоносна форма на рак во светот. Според National Cancer Institute, една од 14 жени со рак на дојка е под 40 годишна возраст кога се дијагностицира и една од осум жени дијагностицирани со рак на дојка е помлада од 45 години, кога е дијагностицирана.

-Повеќето од нас сигурно познаваат некого кој се соочил со болеста, нечија мајка, тетка, сестра… Да им помогнеме на овие луѓе кои ја бијат оваа тешка битка, и да се обидеме да сфатиме низ што минуваат, да им дадеме безрезервна поддршка. Болеста не бира кому ќе му се случи и треба да се подигне свеста за нејзиното рано откривање, односно важноста на редовните прегледи. Никој не треба да биде сам во својата борба, ова е наша заедничка битка – порача сопругата на премиерот.

Вчера здружението ,,БОРКА – за секој нов ден”, одбележа 10- годишен јубилеј од постоењето на националната кампања за рак на дојка НАПРЕД РОЗОВО. По тој повод беше изработено видео, како и банери за поставување на веб порталите, со цел да се подигне свесноста за ракот на дојка, да им се помогне на граѓаните и нивните фамилии кои се борат со оваа болест, но и да им се укаже на институциите дека оваа борба е заедничка и дека треба заеднички да се прават промени за подобри услови за лекување на заболените од рак, достапност до нови терапии и достоинствен живот на сите кои се борат со оваа тешка болест.

Извор: Фокус

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e