Во што е разликата помеѓу хималајска и морска сол

Хималајска или морска сол – доколку не знаете дали се исплати да купувате поскапа, розова сол, еве одговор на прашањето која да ја изберете и зошто.

Хималајската сол која изгледа ефектно бидејќи има бледорозова боја, има репутација на „поздрава сол“. Меѓутоа, таа не е нужно подобра за нас, а понекогаш дури ѝ недостасува и нешто што му е потребно на организмот.

Имено, розовата хималајска сол има малку поголема количина на минерали во траги и затоа е толку популарна. Доаѓа од рудникот на сол Кевра кој се наоѓа во близина на Хималаите, Пакистан. Природниот процес на собирање на солта овозможува таа да поседува многу други минерали и елементи во траги кои не се наоѓаат во обичната кујнска сол, наведуваат многубројни извори.

Хималајска или морска сол?

Иако е точно дека во хималајската сол се наоѓаат околу 84 различни минерали и елементи во траги, кои ѝ даваат уникатна боја и малку поинаков вкус, само 2 отсто од солта се состои од овие минерали, пренесува „Medical News Today“. Тоа значи дека розовата хималајска сол е нутритивно слична на обичната. Со тоа, со замената веројатно нема да забележите дополнителни здравствени бенефити.

Друго популарно тврдење е дека розовата хималајска сол е помалку преработена и „поприродна“ од морската сол. Сепак, тоа е донекаде точно, но влијанието на вашето здравје е минимално. Многубројни истражувања покажуваат дека морската сол често содржи средства против згрутчувања и губи некои хранливи состојки во текот на процесот на мелење, но на тој начин има и помалку нечистотии.

Сепак, замената на сол има некои предности. Бидејќи хималајската сол обично доаѓа во поголеми гранули, потребна е помала количина, што го намалува вкупниот внес на натриум.

„Тоа може да направи мала разлика во намалување на вкупната потрошувачка на сол, што не е мала работа“, вели диететичарот Рене Фицек за „Yahoo!“.

„Колку повеќе сол внесувате, толку повеќе течности се задржуваат во организмот и на срцето му е потешко да ги обработи тие течности, што може да го зголеми крвниот притисок“.

Која сол да ја изберете?

Доколку сосема ја избегнувате вообичаената сол, тоа може да донесе проблеми. Морската сол е главниот прехранбен извор на јод – многу важен минерал кој недостасува во хималајската сол. Тој е потребен за правилно функционирање на хормоните на штитната жлезда и метаболизмот, па доколку трајно ја замените морската сол со хималајска, тогаш во исхраната треба да внесете други извори на јод како риба, млечни производи и суплементи.

Потребно е да внимавате на консумирање на натриум поради влијанието на здравјето на срцето и бубрезите. Се препорачува консумирање на помалку од 2300 милиграми натриум дневно.

Иако хималајската сол е убава и вкусна, таа е поскапа и не содржи јод. Суштината е да внимавате на внесот на натриум и да не се чувствувате под притисок да преминете на хималајска сол поради здравјето, а доколку сакате, можете да ја комбинирате со стандардната морска сол.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e