Што и како да јадете за време на постот?

Во недела започна божиќниот пост кој ќе трае 40 дена, но што, кога и како треба да се јаде за време на постот, а и како би требало да изгледа преминувањето од масна на посна храна, откриваат нутриционистите.

„,Пригответе помали порции, внесете помала количина на храна. Имаме заборавено, но некогаш порциите беа помали, сега навикнати сме на огромна количина на храна, а во текот на постот не се јадат намирници што може да се внесат во толкави количини. Пијте многу течности, намалете ги оброците и навечер по 18 часот, не јадете за психолошки да се подготвите за постот“, советуваат нутриционистите и објаснуваат дека постот треба да се приспособи.

Луѓето паничат дека ќе бидат гладни, дека нема да знаат што да јадат, замислуваат голема глад, па пред да почнете со постење, треба добро да размислите. Зошто сакате да постите?

„Постот е воздржување, пред сѐ, од лоши мисли, храната оди попатно. Ако не сте подготвени, тогаш не треба да постите. Постот навистина е стрес, но затоа треба да се подготвите со постепено намалување на количината на храната, за да не западнете во психолошка замка“, објаснуваат нутриционистите и додаваат дека зимскиот посто не е толку страшен како велигденскиот, бидејќи нема толку денови на вода.

Првата и последната недела се на вода. Што треба тогаш да се јаде?

„Може да се прават потажи, одлични се, не само варен зеленчук, што луѓето не го сакаат, бидејќи им го предизвикува психолошкиот момент дека ќе бидат гладни. Јадете леб со тоа. Потаж може да се прави од грашок, тиква, од намирници што имаат малку повеќе шеќер за да не дојде до претеран глад“, велат експертите.

Тие објаснуваат и како да знаеме дали постот ни годи и дали постојат ситуации во кои би требало да го прекинеме.

„Пред сѐ, нашите мисли ќе ни го покажат тоа. Ако почнеме со нервоза и со лоши мисли, знаеме дека имаме проблем. Тогаш треба да се прекине постот, а луѓето кои имаат здравствен проблем, децата и трудниците, би требало да го одбегнуваат постот. Навистина зависи. Децата не би требало да постат, ним им е неопходно месо, како и на луѓето што имаат тешки облици на анемија. Дури и за трудниците не е толку страшно, тие ќе надоместат со риба и мешунки, како што е гравот. Но понекогаш треба да се консултирате со доктор, ако имате здравствени проблеми“, заклучуваат нутриционистите.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e