Нова студија: Вакцината против коронавирусот го намалува ризикот од болести на срцето и згрутчување на крвта

Најновото истражување покажува дека вакцините против коронавирусот, покрај заштитата од зараза со коронавирусот, може да имаат и дополнителни придобивки.

Како што се покажало, овие вакцини истовремено го намалуваат ризикот од болести на срцето и развојот на згрутчување на крвта поврзани со SARS-CoV-2, објавено е во стручното списание „Харт“ (Heart).

Серијата студии, чии резултати ги објави меѓународен тим експерти, вклучува анализа на податоци кои опфаќаат податоци собрани за 10,17 милиони вакцинирани лица и 10,39 милиони невакцинирани во Велика Британија, Шпанија и Естонија, пишува „Гардијан“.

Откако научниците ги земаа предвид факторите како што се возраста, полот и постоењето на одредени болести во минатото, се покажало дека кај вакцинираните луѓе е воочен значително помал ризик од развој на срцеви компликации и компликации поврзани со развојот на крвните згрутчувања откако преболеле ковид-19 во периодот до една година.

– Нашите сознанија укажуваат на тоа дека вакцините биле ефикасни, не само кога станува збор за помал број заразени луѓе, туку го намалиле и ризикот од развој на тешка форма на ковид-19 – рекла научник Нурија Меркаде Безора од британскиот Институт Оксфорд, задолжена за обединување на сите податоци.

Таа верува дека „најновите резултати од истражувањето би можеле да ги поттикнат да се вакцинираат против ковид-19 сите неодлучни кои се плашат од потенцијалниот ризик од несакани ефекти од вакцината“.

Во споредба со оние што не ја примиле вакцината против коронавирусот, се покажало дека вакцината против ковид-19 е поврзана со:

– 78 отсто помал ризик од настнување на крвни згрутчувања во вените;
– 47 отсто помал ризик од крвни згрутчувања во артериите;
– 55 осто помал ризик од срцев удар во првите 30 дена по инфекцијата.

Иако со текот на времето помалиот ризик од овие опасности се намалувал, и понатаму останал многу висок, изнесувал 50 отсто во случај на згрутчувања на крвта во вените, 38 отсто во случај на згрутчувања на крвта во артериите и 48 отсто во случај на застој на срцето во периодот од претстојните 181 до 365 дена.

Иако и претходните студии дојдоа до слични наоди, ова е едно од најобемните истражувања досега во однос на бројот на луѓе опфатени со истражувањето и периодот во текот на кој биле следени.

Претходно беше познато дека формирањето на згрутчување на крвта, што може да предизвика мозочен удар и застој на срцето, е многу почесто по инфекцијата со коронавирусот. Иако ова истражување не утврдува јасна причина и последица, укажува на тоа дека вакцинацијата против оваа заразна болест го намалува и ризикот од дополнителни компликации.

Научниците потсетуваат дека вакцините против коронавирусот се главно безбедни и делотворни и дека придобивките ги надминуваат потенцијалните недостатоци, но тие би сакале да спроведат дополнителни истражувања за подетално да ги испитаат заштитните ефекти на вакцината против коронавирусот.

– Заштитните ефекти на вакцината се во согласност со податоците за помалку тешки форми на болеста, но треба да се спроведат дополнителни истражувања за да се разберат ефектите од дополнителна вакцинација кај различни популации – рекла Нурија Меркаде Безора.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e