Нема зимска идила без пача – Ова е вистинскиот рецепт за „пивтии“

Пача или пивтија е вид јадење сварено од нозете или од главата на свиња или говедо. Тоа е традиционално јадење на Балканот, но и во Турција, Азербејџан, Ерменија, Авганистан, Иран, Ирак и Монголија, веројатно со многу древно потекло. Турците на пример, користат јагнешка глава и нозе.

Во Македонија пивтијата е дел од традиционалната трпеза и вообичаено се послужува ладна, како предјадење или мезе, додека некогаш се приготвувало и како главно јадење. Се приготвува во зимските денови, а особено за значајните христијански празници Божик и Водици.

Класичен рецепт – Фотографија и рецепт на Славица Георге. Рецепт: Се варат две свински ноџиња и 1 кг свинско месо (удина) во 7 литри вода, толку долго, сè додека месото да започне да се дели од коската. Може да додадете и 1 кг телешка удина.
Кога е готово, се дели месото од коските, а месото се кини на поситни парченца и враќа во тенџерето. Се додаваат 3-4 чешниња толчен лук и 3 лажички сол. Најдобро е да се проба, по вкус. Се прелива во садови за сервирање и се остава да се стегне.
Еве уште еден рецепт за пифтија – пивтија со опаш. Потребно: 2-3 свински нозе и кожа, 1 свински опаш, 1 димена коленица (околу 2кг), 1 помал врзоп зеленчук за супа, 1 главица кромид, 3-4 чешниња лук, 2 листа ловор, бибер во зрно, сол, толчена лута пиперка (буковец).

Подготовка: Добро измиените нозе и кожа, опашот, како и димената коленица, се ставаат во голем лонец и се налеваат со студена вода, се додава исчистениот врзоп зеленчук, кромидот пресечен на половина и запечен на плотна, ловоров лист и малку бибер во зрно, па се готви на умерена температура.
Се готви онолку долго, додека месото да започне да се одвојува од коската, а водата да изврие до половина. Се трга лонецот од оган и се остава малку да се излади, па потоа со лажица внимателно се отстранува вишокот мрснотија од површината. Супата се процедува низ густа цедалка.
Месото внимателно се чисти од коските, ситно се сечка и се реди на дното од некој подлабок сад во кој ќе стои пивтијата. Се наросува со ситно исечкан лук, па сето се налева со прецедената супа и се остава да се стегне, па се чува во фрижидер добро да се излади.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e