Научниците открија дека и капакот на шолјата може да ве заштити од коронавирусот

Верувале или не, но и капакот на шолјата во тоалетот може да ве заштити од вирусот, велат експертите

Ако не го спуштите капакот при пуштање вода во тоалетот, може да ги вдишете аеросолните честички што се формираат, што претставува ризик од потенцијална инфекција, вклучувајќи го и ризикот од инфекција со коронавирус, се вели во најновата студија.

Новото истражувања го поставува и прашањето за новиот начин на пренесување на вирусот. Овие тврдења ги направија кинески научници чии резултати од истражувањето беа објавени во списанието „Physics of Fluids”.

Научниците од Кина пресметале дека по испуштањето вода во шолјата, се создава аеросолен ефект, така што ситните капки се распрашуваат и тоа во висина од 91 сантиметри од земјата, што значи дека тие можат да стигнат до вашите респираторни органи, пишува Би-Би-Си.

Научниците од универзитетот „Yangzhou” велат дека со спуштањето на капакот се спречува ширење на бактериите и вирусите од добиениот аеросол, пренесува „Хина“.

Корона вирусот се шири со капки, кашлање и кивање низ воздухот или преку предмети кои се контаминирани, а кои ќе дојдат во допир со здраво лице. Траги од вирусот се пронајдени и кај фекалиите на заразените лица, иако сè уште не е познато дали болеста се пренесува и на овој начин. Научниците од целиот свет тестираат композиции на отпадни води за да утврдат на кој начин некои пациенти се заразиле.

Не треба да се заборави дека и другите вируси и бактерии можат многу лесно да се шират со лошо одржување на хигиената во тоалетите.

Џи-Ксијанг Ванг и неговите колеги од „Yangzhou” објаснија дека за време на пуштањето вода во шолјата, водата удира во неа и создава вител и многу ситни капки што можат да лебдат во воздухот и повеќе од една минута. Д-р Брајан Бздек од Центарот за истражување на Аеросол на Универзитетот во Бристол изјави дека нема јасни докази за тоа како короната може да се шири на овој начин, но смета дека е оправдано да се преземат мерки на претпазливост.

Авторите на студијата сугерираат дека е најдобро, секогаш кога имаме услови за тоа, да го спуштиме капакот на шолјата, редовно да ја одржуваме нејзината хигиена и да ги миеме рацете после употреба на тоалетот.

Иако ова истражување не укажува на тоа дека споменатите мерки го намалуваат пренесувањето на вирусот САРС-КоВ-2, многу други вируси и бактерии се шират по фекално-орален пат, предупредуваат научниците.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e