Светскиот ден на менопаузата се слави секоја година на 18 октомври за да се подигне свеста за менопаузата и опциите за поддршка кои се достапни за подобрување на здравјето и благосостојбата на жените.
Менопаузата е физиолошки настан кој се јавува кај секоја жена до 60-годишна возраст. Во тој период од животот на жената се намалува производството на хормони во јајниците, естрогенот.
Менопаузата претставува пресвртница во животот на жената. Тоа е периодот во кој се јавува последното менструално крварење поради намалување на функцијата на јајниците, а му претходи период на неправилни циклуси (олигоменореа) или оскудна менструација.
Влегувањето во менопауза е индивидуално, но најчесто е на возраст од 50 до 52 години. Најчестите симптоми на менопауза се:
Чукање на срцето и ненадеен скок на крвниот притисок
Замор
Раздразливост
Пореметување на сонот
Болка во зглобовите и мускулите
Уринарни инфекции
Сувост на вагината и ослабено либидо
Забавување на метаболизмот и зголемување на телесната тежина
Сува кожа и опаѓање на косата.
Овие симптоми можат да влијаат на квалитетот на животот, па затоа е неопходно да се информираат жените за достапните начини за подобрување на нивното психофизичко здравје во оваа фаза од животот.
Врската помеѓу репродуктивните фактори и кардиоваскуларните болести е уште еден важен аспект на менопаузата за кој жените треба да бидат свесни.
Истражувачите неодамна открија дека репродуктивните искуства на жената (вклучувајќи менструација, бременост, каков било третман за рак на дојка и менопауза) може да влијаат на шансите за развој на кардиоваскуларни болести подоцна во животот.
При влегување во менопауза, неопходно е да се промени начинот на живот, а за да се зачува здравјето, важно е да се внимава на редовна физичка активност и висококвалитетна здрава исхрана.
Најчести последици од влегувањето во менопауза се деменција, остеопороза, срцеви заболувања и дијабетес, кои најчесто се јавуваат како резултат на занемарување на здравјето, а во тој период е исклучително важна грижата за здравјето на секоја жена.