Кои лекови треба да ги спакувате за на одмор?

Сончаница, труење со храна, покачена температура, убод од инсекти… ова се само дел од здравствените проблеми што може да ве снајдат додека сте на одмор и да ви го уништат летувањето.

Сѐ што важи додека сте дома во град важи и на плажа: не се изложувајте на најјакото сонце (од пладне до 17 часот), не се прејадувајте и не пијте премногу алкохол, особено ако планирате да влезете во вода и задолжително понесете мини домашна аптека.

Не претерувајте

Лекарите велат дека не треба да претерувате со пакувањето лекови и превентивни средства, но дека треба да ги понесете основните медикаменти. Во вашата мини домашна аптека за на одмор треба да имате: редовната терапија (како инсулин, лекови за холестерол, висок крвен притисок, срцеви проблеми и слично), пробиотик, лек против гадење, лекови против болки, против алергија, стомачни тегоби, превентива за убоди од инсекти како и маст за после убод, како и средства за санирање повреди и рани.

Мини патувачката аптека треба да биде помала од домашната, односно понесете лекови соодветно на деновите што сте планирале да ги поминете далеку од дома. За оваа намена треба да имате посебен несесер или кутија што добро се затвора и да ја чувате подалеку од дофат на деца.

Антибиотици не се потребни, посебно не на своја рака

Најчест здравствен проблем на летен одмор е покачената телесна температура, што може да се случи од најразлични причини. Лекарите советуваат дека ако не е повисока од 38,5 степени – нема потреба од паника.

Тие додаваат дека лекови со парацетамол се повеќе од доволни и дека не препорачуваат користење антибиотици на своја рака, односно што не се препишани од лекар.

Во летниот период, а особено покрај вода или во планина, поголем е ризикот од убод од инсекти. Освен ако не сте алергични, нема потреба од загриженост. Понесете спрејови и масти против инсекти, како и масти за ублажување на реакцијата од убод на инсект.

Што треба да содржи мобилната аптека за на одмор

Лекови против гадење и мачнини
Лекови против болка
Лекови за симнување температура
Лекови против алергија
Пробиотици
Медицински алкохол, газа и фластери
Средства за заштита од сонце и за нега после сончање
Топломер

Што се препорачува за деца

Парацетамол
Маст против убоди и осипи
Лекови против гадење, дијареја и алергија
Таблети и сирупи за болка во грло
Средства за заштита на детска кожа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e