Како да дознаете дали пиете доволно вода?

Сигурно многупати сте слушнале дека треба да пиете осум чаши вода дневно.

Иако здравствените работници генерално го препорачуваат тоа, вистината е дека не постои стандардна количина на вода што еден човек треба да ја пие секој ден. Количината на вода што ви треба секој ден е веројатно различна од онаа што им е потребна на вашата сестра, партнерот или на колегите.

Би било добро да знаете колку вода му е потребно на вашето тело дневно, бидејќи има безброј придобивки од пиењето вода: влијае на сѐ, од метаболизам до расположение.

Придобивки од пиењето вода

Водата е „носител“ на супстанции и хранливи материи низ телото. Важна е за регулирање на температурата, потењето е начинот на кој вашето тело се лади. Водата исто така ги исфрла токсините од телото, го олеснува варењето, ја подобрува концентрацијата, фокусот, енергијата, еластичноста на кожата, расположението и општото здравје.

Бидејќи сите клетки во телото користат вода и е неопходна за да се извршуваат телесни функции, клучно е да останете доволно хидрирани.

Колку вода треба да пиете секој ден?

Постојат неколку фактори кои можат да ви помогнат да одредите колку вода ви треба секој ден.

На постарите луѓе им треба помалку вода, на пример. Нивото на активност игра улога- после напорни вежби или сауна, ќе ви треба повеќе вода. Исхраната – во зависност од тоа дали се базира на многу протеини, сол или влакна. Климата – топла или сува бара повеќе вода. И одредени лекови можат да влијаат на количината на вода што ви е потребна.

Различни студии низ годините дадоа различни препораки за тоа колку вода треба да се пие во текот на еден ден, а повеќето здравствени власти препорачуваат околу два литра или околу осум чаши вода дневно.

„Во оваа количина можете да вклучите вода, други пијалоци и течна храна“, објаснува нутриционистот Серена Пун.

Како ќе знаете дали пиете доволно вода?

Бојата на урината и зачестеноста на одење во тоалет се добри показатели за нивото на хидратација на телото.

Пред да започнете со броење чаши или литри вода што ги пиете, погледнете ја урината.

Одличен начин да се види дали пиете доволно вода е урината, нејзината боја и фреквенција. Одење во тоалет на секои 90 минути до два часа е нормално. Ако вашата урина е потемна во боја или одите да уринирате на секои 6 часа или помалку, тешко дека пиете доволно вода. Ако уринирате на секои 30 минути и урината ви е целосно чиста, најверојатно пиете премногу вода, а потоа веројатно поминува низ вашето тело без да ве користи.

Исто така, обрнете внимание на еластичноста на кожата.

Стиснете го задниот дел од раката и пуштете ја кожата по неколку секунди. Ако кожата веднаш се врати на своето место, веројатно пиете доволно вода. Ако и треба малку време, веројатно сте дехидрирани. Други симптоми на дехидрација вклучуваат вртоглавица, зашеметеност и несвестица.

Храна богата со вода

Ако не можете да се натерате да пиете вода, постојат неколку начини да го зголемите внесот на вода. Можете да ја збогатите водата со овошје, да додадете замрзнато овошје наместо мраз или да се одлучите за една од минералните води без шеќер. Можете исто така да јадете храна што содржи многу вода. Многу овошја и зеленчуци се богати со вода и можат да бидат одличен извор на хидратација.

Од овошјето, можете да се одлучите за јагоди, лубеница, грејпфрут, праска, ананас, портокали, кокосова вода, малини, а меѓу зеленчукот има добар избор краставици, тиквички, домати, карфиол, зелка, зелена салата, зелена пиперка, целер и спанаќ.

Заобиколете ги овие работи во широк лак

Избегнувајте конзумирање премногу сол, кофеин и алкохол.

Сите експерти се согласуваат дека е важно за хидратацијата да се држите подалеку од преработена храна која не само што содржи малку вода, туку содржи и голема количина сол (дури и слатки) што ќе ги направи вашите обиди за хидратација потешки отколку што се.

Истото важи и за кафето. Кафето делува како диуретик и може да ве дехидрира. Треба да пиете чаша вода за секоја шолја кафе.

Нема потреба да зборуваме за тоа колку алкохолот е штетен за хидратација на телото. Најлесен начин да се ослободите од главоболки, мамурлак и лош тен е да избегнете алкохол и да внесете доволно вода.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e