Истражување: Кето диетата го забрзува стареењето на органитe?

Според новото истражување, кетогената или кето диетата предизвикува таложење на оштетените клетки во органите на глувците, што укажува дека овој начин на исхрана може да го забрза стареењето на органите, зголемувајќи го ризикот од срцеви заболувања и рак, пишува „Њу саентист“ (New Scientist).

Во последно време сè повеќе луѓе, со цел да изгубат тежина, експериментираат со кето диетата, во текот која во организмот се внесува мал удел јаглехидрати, но голем удел масти. Имајќи предвид дека претходните студии покажаа различни ефекти од овој тип на исхрана, докторот Дејвид Гиус од медицинскиот Универзитет УТ Хелт во Сан Антонио и неговите колеги одлучија да спроведат тестови на глувци.

Зголемено ниво на „зомби“ клетки
Три недели хранеле шест глувци со храна кај која повеќе од 90 отсто од калориите потекнуваат од масти, а помалку од 1 отсто од јаглехидрати. Контролната група на глодари јадела стандардна диета во која 17 отсто од калориите потекнувале од масти, а 58 отсто од јаглехидрати.

Научниците потоа анализирале примероци од ткивото од срцето, бубрезите, црниот дроб и мозокот на глувците, барајќи „остарени“ клетки. Имено, стареењето настанува кога клетките стануваат премногу оштетени за нормално да функционираат, но наместо да умрат, тие влегуваат во фазата на „зомби“. Односно, тие продолжуваат да се задржуваат во ткивата, ослободувајќи притоа токсини кои поттикнуваат воспаление.

Животните на кетогена исхрана имале значително повеќе остарени клетки во своите органи во споредба со оние на стандардна диета. На пример, во нивните бубрези во просек била забележана четири пати поголема количина на маркери на стареење на клетките.

„Иако кетогената диета е веројатно добра, очигледно не е за секого“
Нивото на старечки или зомби клетки се зголемува со возраста, а се чини дека кето диетата може да го забрза нивното таложење и стареење на телото. Според тоа, овој тип на исхрана може да го зголеми и ризикот од срцеви болести, рак и дијабетес тип 2.

Кога експертите повторно ги вовеле стандардните диети на глувците на кои им давале кето оброци одреден временски период, стареењето на клетките било намалено.

– Иако кетогената диета е веројатно добра, очигледно не е за секого. Што е најважно, треба да направите пауза – рекол Гиус, пренесува „Њу саентист“ (New Scientist).

Но, имунологот Расел Џонс од Институтот Ван Андел во Мичиген има одредени забелешки.

– Не знам како на овој начин овие наоди може да се пренесат на луѓето. Глувците јаделе исхрана со 90 отсто маснотии, се сомневам дека луѓето така се хранат – реко тој.

Истражувањето Ketogenic diet induces p53-dependent cellular senescence in multiple organs е објавено во списанието „Саенс адвансес“ (Science Advances).

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e