Експертите едногласни: Mасовната вакцинација единствен излез од пандемијата на коронавирусот

Соочувањето со новиот бран на нов сој на делта вирусот ќе направи луѓето да станат посвесни дека масовната вакцинација е единствениот начин да се заврши оваа пандемија, заклучија д-р Драган Даниловски, д-р Александар Петличковски, д-р Александра Грозданова и министерот за здравство Венко Филипче на денешната трибина на тема „Вакцинација и предизвици со Ковид-19“.

Д-р Грозданова смета дека една јасна дефиниција на она што претставува крај на пандемијата не се вакцините, туку самиот процес на вакцинација. Според неа, периодов бил полн со предзвици кои успешно биле совладани.

– Ние за некаде четири месеци почнувајќи од втората половина на февруари, конкретно 19 февруари до денеска вакциниравме половина милион од нашата популација. Во целиот овој период се соочивме со доста предизвици за коишто верувам дека успешно ги совладавме. Во периодот зад нас се изготви Националниот план во 2020, според него се одвиваа првите фази од вакцинацијата. Во здравствените домови и во поголемите вакцинални пунктови, како што се салите, вакцинација веќе се одвива со одлична динамика, заради тоа што сите оние првенствени задршки кои ги имавме во однос на апликацијата на вакцините, начинот на нивното чување, динамиката на нивното давање, сега се веќе надминати. Тимовите се комплетно способни да одговорат на предизвикот, рече Грозданова.

Таа изрази надеж дека со ваквата поголема достапност ќе се овозможи дневно давање на дури и до 15 илјади на вакцини.

– Нашиот став е дека комплетната имунизација исклучиво е со две дози, што се потврди како исправен и се надевам дека во следниот период граѓаните веќе навистина се свесни и веќе се почувствува и ефикасноста од вакцинација. Ние овие бројки што ги гледаме не само во нашата држава туку и пошироко, во добар дел се должат токму на ефикасната вакцинација, потенцира таа.

Д-р Драган Даниловски истакна дека индиски мутант или делта варијанта, која што веќе е присутна во преку 92 земји, веројатно не може да не избегне и нас, но порача дека е потребно да се учи од туѓите и од сопствените искуства од изминатиов период и дека масовната вакцинација е единствениот излез од оваа ситуација.

– Треба да работиме на ниво на јавно здравје, заштита на јавното здравје, од друга страна на индивидуалното здравје. Јавното здравје го штитиме со масовна вакцинација во што пократко време, значи нема друга опција освен што помасовно да се опфати населението во што пократко време, значи летово да се опфати што поголем број на граѓани со две дози на вакцини. Делта варијантата е толку продорна, толку е повеќе заразна што е потребно праг на колективниот имунитет меѓу 80-85 отсто вакцинирани за да може да се смета на многу мал ризик за епидемиско ширење, заклучи д-р Даниловски.

За д-р Александар Петличковски вакцинацијата е најдобриот пристап во справување со епидемијата.

– Сите вакцини коишто се одобрени од СЗО и другите авторитети ЕМА и други сите штитат во огромен процент, некогаш се движи и до 100 проценти штитат од тежок тек на болеста и тие се основните податоци што мора да ги имаме на ум кога размислуваме да се вакцинирам или да не се вакцинирам, вели тој.

Петличковски додава дека тоа што моментално бројките се ниски не е доказ дека пандемијата е завршена, но факт е оти добрата покриеност со вакцинација нуди гаранција за индивидуите дека нема да имат тешка болест и сериозни компликации.

На трибината воедно беше истакнато дека не постои вакцина која нема несакани ефекти, односно дека со сите вакцини се поврзуваат некакви несакани ефекти. Но, како што велат експертите кога ќе се разгледаат бројките станува јасно дека се работи за исклучително безбедни вакцини.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e