Дали јајцата го зголемуваат холестеролот – еве што вели најновото истражување!

Јајцата со години се сметаат за намирница што може да го зголеми холестеролот, но сè повеќе истражувања покажуваат дека проблемот можеби не е во холестеролот од храната, туку во заситените масти. Новото истражување покажало дека здрави возрасни луѓе кои јаделе две јајца на ден во текот на пет недели дури и забележале подобрување на нивото на холестерол. —

Студијата објавена во „Американски журнал на клиничка исхрана“ (The American Journal of Clinical Nutrition), покажала дека заситените масти се поврзани со повисоки нивоа на ЛДЛ, или „лошиот“ холестерол, додека холестеролот од јајцата немал таков ефект.

Учесниците што јаделе две јајца на ден со исхрана со ниска содржина на заситени масти имале пониски нивоа на ЛДЛ холестерол од оние во текот на контролната исхрана.

– Во текот на поголемиот дел од последните две децении бевме доста убедени дека заситените масти, многу повеќе од холестеролот од храната, го зголемуваат нивото на ЛДЛ – рекол кардиологот д-р Шон Хефрон за „Хелт“.

Во истражувањето учествувале здрави возрасни луѓе, а испитаниците во текот на пет недели следеле три различни планови за исхрана. Едната група внесувала храна со многу холестерол и заситени масти, другата јадела две јајца дневно со низок внес на заситени масти, додека третата била на исхрана без јајца, но со повеќе заситени масти. До крајот на студијата, учесниците завршиле сите три циклуси на исхранi.

Резултатите покажале дека заситените масти се поврзани со зголемување на ЛДЛ холестеролот, додека холестеролот во исхраната немал ист ефект. Исхраната со јајца го намалила „лошиот“ ЛДЛ холестерол за приближно 0,15 mmol/L во споредба со контролната исхрана.

– Ова упатува дека заситените масти, а не холестеролот од храната, го зголемуваат нивото на ЛДЛ. Бевме малку изненадени колку тој ефект беше јасен – рекол истражувачот д-р Џон Бакли.

Холестеролот во крвта не е ист како холестеролот што го внесуваме со исхраната. Поголемиот дел од холестеролот го произведува црниот дроб, а поголемиот внес на заситени масти може да го поттикне неговото производство на холестерол и да го отежни отстранувањето на ЛДЛ од крвотокот.

– Холестеролот од храната не е негативец каков што некогаш се сметаше – напоменала диететичарката Мелиса Мроз-Планелс.

Сепак, луѓето кои веќе имаат зголемен холестерол, семејната хиперхолестеролемија или одредени здравствени состојби треба да бидат повнимателни со внесувањето јајца. Кардиологот д-р Мајкл Милер истакнува дека резултатите од оваа студија не можат автоматски да се применат на сите луѓе со висок холестерол.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e